Народна банка на Македонија вчера ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, на 3,25 отсто. Од декември лани, и јануари годинава, ова е трето намалување на каматата на благајничките записи, сите три пати за ист износ (по 0,25 процентни поени). Понудата на благајнички записи ќе остане непроменета на ниво од 25.000 милиони денари, соопшти вчера НБМ. Ваквата реакција претставува нормализација на монетарната политика и е одраз на постојаното стабилизирање на очекувањата и на довербата на економските субјекти и со тоа континуирано исцрпување на ефектите врз економијата од политичката криза, се вели во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБМ. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.
Народна банка на Македонија вчера ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, на 3,25 отсто. Од декември лани, и јануари годинава, ова е трето намалување на каматата на благајничките записи, сите три пати за ист износ (по 0,25 процентни поени). Понудата на благајнички записи ќе остане непроменета на ниво од 25.000 милиони денари, соопшти вчера НБМ.
„Ваквата реакција претставува нормализација на монетарната политика и е одраз на постојаното стабилизирање на очекувањата и на довербата на економските субјекти и со тоа континуирано исцрпување на ефектите врз економијата од политичката криза“, се вели во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБМ. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.
„Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБМ беше неутрална“, се вели во соопштението при што се додава дека девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво, а поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни.
Од НБМ велат дека според расположливите показатели, гледано во целина, состојбата во економијата во последниот квартал лани била нешто понеповолна во однос на третиот квартал. Сепак, растот на економијата во текот на целата 2016 година не се очекува да отстапува многу во однос на проекцијата.
Според податоците за јануари, инфлацијата на годишно ниво изнесува 0,6 отсто, што е во согласност со очекувањата, но од НБМ предупредуваат потенцијални ризици за повисок раст на цените годинава, што може да се должи на повисоки увозни цени.
„Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитите на населението во банкарскиот систем“, велат од НБМ, при што објаснуваат дека според првичните податоци за јануари годинава штедењето на населението се зголемува осми месец последователно.
„Вкупната депозитна база во јануари забележа месечен пад, што не претставува невообичаено движење за овој период. Од друга страна, солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари“, соопштија од НБМ.
Во јануари имало мал пад на кредитната активност, што доаѓа по значителното зголемување во претходниот месец. Намалувањето на вкупните кредити, слично како во претходните две години во првиот месец, во целост произлегува од пониското ниво на кредити на претпријатијата, при умерен раст на кредитирањето на населението. На годишна основа, според првичните податоци, кредитната активност во јануари расте со солидно темпо, што е блиску до проектираниот раст за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција, се вели во соопштението од НБМ.