Во Македонија нема економска оправданост да се формира редовен авиопревозник кој ќе лета под македонско знаме. Физибилити-студијата која ја изработи холандската фирма „Интервиситас консалтинг“ констатирала дека во нашата земја нема поволни услови за работа на национална авиокомпанија, потврдуваат од Министерството за транспорт и врски. Резултатот од истражувањето на холандската фирма покажал дека трошоците на работењето на потенцијалниот домашен авиопревозник би ги надминувале евентуалните приходи. Физибилити-студијата ја нарача Министерството за транспорт и врски пред точно една година, кога на тендер ја избра холандската компанија да го изработи документот.
Во Македонија нема економска оправданост да се формира редовен авиопревозник кој ќе лета под македонско знаме. Физибилити-студијата која ја изработи холандската фирма „Интервиситас консалтинг“ констатирала дека во нашата земја нема поволни услови за работа на национална авиокомпанија, потврдуваат од Министерството за транспорт и врски.
Резултатот од истражувањето на холандската фирма покажал дека трошоците на работењето на потенцијалниот домашен авиопревозник би ги надминувале евентуалните приходи. Физибилити-студијата ја нарача Министерството за транспорт и врски пред точно една година, кога на тендер ја избра холандската компанија да го изработи документот.
Идејата на Министерството да се изработи физибилити-студија беше за да се испитаат можностите на домашниот пазар, дали постојат услови Македонија да го добие четвртиот национален авиопревозник, по „Палер“, „Авиоимпекс“ и МАТ, особено откако за првпат во историјата на земјата низ нашите аеродроми се надмина бројката на еден милион патници.
Холанѓаните добија четири месеци за да ја изработат студијата. Во првите два месеца требаше да се види оправданоста за формирање на домашен превозник, а во вторите два месеца да се да се испита опцијата за евентуална заинтересираност на светски познати компании да воспостават база во Македонија.
Барањето на веќе етаблирана компанија да функционира како домашен редовен авиопревозник се смета за полесна и поевтина варијанта отколку формирањето целосно нов авиопревозник. Формирањето редовен превозник со своја база значи вработувања на домашен кадар, авиони кои постојано ќе бидат во Македонија и директни линии од Скопје кон главните аеродроми во градовите-дестинации.
Во последните неколку години се спомнуваше наводната заинтересираност на турскиот превозник „Туркиш ерлајнс“, која не беше потврдена ниту од домашните воздухопловни власти, ниту пак од компанијата.
Под услов да се потврдеше оправданоста за формирање национален авиопревозник на странските оператори, холандската компанија ќе требаше да им ги презентира и можностите кои би им биле понудени од Владата, како што се субвенциите и други поволности.
Потенцијален авиопревозник се бараше не само меѓу европските туку и меѓу светски познатите авиокомпании. Во пакетот поволности, според тогашните најави од Министерството за транспорт, ним требало да им се понудат и најатрактивните дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид.