Економијата во земјите на еврозоната се' повеќе заздравува. Тоа го покажуваат и последните податоци на европската статистика, „Евростат“, за намалувањето на процентот на невработеноста. Стапката на невработеност во февруари годинава изнесувала 10,3 отсто, што се оценува како најниска стапка од мај 2009 година. Падот во однос на јануари годинава бил 0,1 отсто, додека во споредба со февруари минатата година невработеноста во монетарната Унија паднала за 0,9 проценти. Или, според „Евростат“, во февруари во еврозоната бројот на невработените бил помал за 39.000 во споредба со истиот месец минатата година. Додека во земјите -членки на ЕУ, имало за 1,3 милиони помалку невработени.
Економијата во земјите на еврозоната се' повеќе заздравува. Тоа го покажуваат и последните податоци на европската статистика, „Евростат“, за намалувањето на процентот на невработеноста.
Стапката на невработеност во февруари годинава изнесувала 10,3 отсто, што се оценува како најниска стапка од мај 2009 година. Падот во однос на јануари годинава бил 0,1 отсто, додека во споредба со февруари минатата година невработеноста во монетарната Унија паднала за 0,9 проценти.
Или, според „Евростат“, во февруари во еврозоната бројот на невработените бил помал за 39.000 во споредба со истиот месец минатата година. Додека во земјите -членки на ЕУ, имало за 1,3 милиони помалку невработени.
Меѓу членките на ЕУ, најниска невработеност и годинава е регистрирана во Германија, 4,3 отсто, и во Чешка, 4,5 отсто. Додека највисок е процентот на невработените во Грција, 24 отсто и во Шпанија 20,4 отсто. Во однос на февруари 2015 најголем пад на невработеноста имале Кипар, од 16,6 на 12,6, Шпанија од 23,2 до 20,4 и Бугарија од 9,8 до 7,4 отсто.
И невработеноста кај младите во членките на ЕУ се намалила. Таа во февруари изнесувала 19,4 отсто, а во еврозоната 21,6 отсто што е пад во однос на истиот месец претходната година, кога изнесувала 20,9, односно 22,7 проценти.
Напоредно со падот на невработеноста, се зголемила вработеноста во еврозоната. Во последниот квартал од минатата година бројот на вработените се зголемил за 0,3 проценти, а во земјите од ЕУ за 0,1 проценти.
„Евростат“ информира дека на годишно ниво, вработеноста лани се зголемила за 1,2 проценти во еврозоната и за 1 процент во членките на ЕУ. При тоа, во последните три месеци од 2015 година, вкупно 229,9 милиони мажи и жени се вработиле во ЕУ, од кои 151,9 милиони во еврозоната.
И во Македонија, исто така, паѓа невработеноста. Иако повеќе години наназад според стапката на невработеност сме на врвот на скалата во споредба со европските и со балканските земји, сепак процентите одат удолу од квартал во квартал, од година во година.
Рекордно највисока стапка на невработеност во државата беше измерена во 2004 и во 2005 година, 37,2 , односно 37,3 проценти. Од тогаш, бројките секоја година се намалуваат, а од 2013 година наваму стапките се пониска од 30 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, ДЗС, по години, невработеноста во 2011 година изнесувала 31,3 отсто, во 2012 - 31, во 2013 - 29, а во 2014 година достигна 28 проценти. Минатата година завршивме со стапка на невработеност од 26,1 процент, кога, според ДЗС, бројот на лицата без работа изнесувал 248.933. Или, за пет години невработеноста во Македонија паднала за цели 5,3 проценти.
Според Владата, причина за намалувањето на невработеноста е што во последните 10 години со разни мерки и програми се креирале околу 150.000 нови работни места, главно во приватниот сектор и најмногу во трговијата во индустријата, во транспортот и во телекомуникациите.
Во странските компании кои работат во зоните, според Дирекцијата за технолошко- индустриски, развојни зони, до крајот на минатата година се отвориле околу 16.000 работни места.