Нови мерки за поттикнување на вработеноста, зголемување на социјалната помош за 10 отсто наместо првично планираните пет проценти, таблет- компјутери за студентите, како и вработување на досегашните хонорарци во државните институции и јавните претпријатија. Голем број планови Владата промовираше во последниов период од околу еден месец, кои сосема извесно ќе имаат влијание врз буџетската каса. Колку овие новини ќе го чинат државниот буџет за оваа година е прашање што се поставува, бидејќи за дел од нив веќе и се донесоа соодветните закони во Собранието, а за другите се најавува дека многу бргу ќе се изгласаат. Експертите со кои контактиравме сметаат дека мерките за намалување на невработеноста се продуктивни и потребни, но тоа не важи за другите.
Нови мерки за поттикнување на вработеноста, зголемување на социјалната помош за 10 отсто наместо првично планираните пет проценти, таблет- компјутери за студентите, како и вработување на досегашните хонорарци во државните институции и јавните претпријатија. Голем број планови Владата промовираше во последниов период од околу еден месец, кои сосема извесно ќе имаат влијание врз буџетската каса. Колку овие новини ќе го чинат државниот буџет за оваа година е прашање што се поставува, бидејќи за дел од нив веќе и се донесоа соодветните закони во Собранието, а за другите се најавува дека многу бргу ќе се изгласаат.
Експертите со кои контактиравме сметаат дека мерките за намалување на невработеноста се продуктивни и потребни, но тоа не важи за другите.
„Мерките за намалување на невработеноста се структурни и продуктивни мерки. Најпрво, тие се насочени кон решавање на еден од најголемите проблеми во земјата - невработеноста, но позначајно е што таргетираат тешко вработлива категорија граѓани, возрасни, долгорочно невработени и млади. Вакви мерки беше потребно да се воведат уште многу поодамна“, вели Благица Петрески, главен економист и извршен директор на „Фајнанс тинк“.
Таа смета дека другите непланирани предвидени трошоци не се структурни и продуктивни и дека дополнително ќе го оптоварат буџетот.
„Со оглед дека нема некои позначајни изгледи за поголеми приходи во буџетот од планираното, потребно е да се направи кратење на расходите по други основи, или во крајна линија да се зголеми дефицитот“, вели Петрески.
Големиот пакет-мерки за намалување на невработеноста, според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, за десетина дена треба да биде преточен во закон и откако ќе добијат парламентарна поддршка, ќе почнат да се применуваат кон крајот на април или на почетокот од мај годинава. Овие мерки се наменети за повеќе категории, за разлика од досега, кога вакви поволности беа обезбедени само за младите до 29 години. Па така, работодавците кои ќе вработат млади до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање персонален данок и придонеси во рок од три години. Оние, пак, кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, ќе бидат ослободени од персоналец и придонеси пет години, со обврска уште една година да го задржат работникот. Тие што ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персоналец и социјални придонеси пет години без обврска потоа да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Оние фирми, пак, кои ќе вработат лица од ранливите категории, ќе бидат ослободени од персоналец и придонеси во рок од пет години, без обврска да ги задржат вработените. И дел од бизнисмените овие мерки ги оценија како позитивни, нагласувајќи дека ќе придонесат за намалување на невработеноста, а ќе ги намалат и трошоците за водење бизнис.
Собранието завчера по скратена постапка го изгласа законот за издавање вредносни бонови-ваучери за таблет-компјутери. За оваа мерка е наведена точната сума колку ќе тежи, 1,5 милиони евра, кои ќе бидат обезбедени од буџетот на Министерството за информатичко општество.
Исто така, Министерството за труд и социјална политика подготвува измени на Законот за социјална заштита, со кој наместо со предвиденото зголемување за 5 отсто, висината на овие парични права ќе се зголеми за 10 проценти, при што исплатата ќе се реализира сметано од јули оваа година.