Се нудат работни места, не се знае за колкава плата. На многу интернет-портали секојдневно се објавуваат огласи за слободни работни места за кои се бараат соодветни познавања, вештини, образование... Но, повеќето од објавите, посебно оние на приватните компании, не се целосно според законските норми, односно не ги содржат сите потребни податоци. Освен описот на работното место, личниот профил на работникот и квалификациите што се бараат, многу ретко стои и колкава почетна плата се нуди, кое е работното време и распоредот на работните часови. Така, на многу објави во делот за плати пишува : компетитивна плата, што и да значи тоа...
Се нудат работни места, не се знае за колкава плата. На многу интернет-портали секојдневно се објавуваат огласи за слободни работни места за кои се бараат соодветни познавања, вештини, образование...
Но, повеќето од објавите, посебно оние на приватните компании, не се целосно според законските норми, односно не ги содржат сите потребни податоци. Освен описот на работното место, личниот профил на работникот и квалификациите што се бараат, многу ретко стои и колкава почетна плата се нуди, кое е работното време и распоредот на работните часови. Така, на многу објави во делот за плати пишува : компетитивна плата, што и да значи тоа...
Со други зборови, не се почитува обврската од Законот за работните односи (ЗРО), според кој, кога работодавецот вработува на јавен оглас, должен е да ги наведе: називот на работното место, условите што се бараат за вршење на работата, почетокот и крајот на дневното и на неделното работно време, распоредот на работното време, износот на основна нето-плата или на најнизок до највисок износ на нето-плата за работното место за кое се бара работник.
Обврска за објавување на износот на платите има, но ЗРО не предвидува санкции за фирмите што не ја почитуваат. Тоа веројатно е и една од причините за таквиот однос на компаниите што огласуваат.
Таквата практика е збунувачка за лицата што бараат работа бидејќи ним им е битна информацијата за колку пари ќе работат и колку часа во денот.
„Невработен сум и секојдневно ја следам понудата на слободни работни места на разни портали. Речиси на ниеден оглас не пишува почетна плата и колкаво е работното време. Па, морам да се јавувам во фирмите и да прашувам колкава е платата, на што добивам одговор - јавете се на конкурсот, па после ќе зборуваме за платата. Некои кажуваат дека е минимална, околу 200 евра за почеток. Не ми е јасно зошто висината на платата треба да биде тајна“, прашува 25-годишниот Т.И. од Скопје, кој фигурира како активен барател на работа во Агенцијата за вработување.
Исклучок од оваа практика се огласите за вработување на јавните и државните претпријатија, како и на странските компании, како и огласите на интернет-страницата на Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ) каде што се запазени законските норми при објавувањето на огласите за вработување.
„Електронскиот систем на АВРМ е усогласен со постојните законски одредби. Во таа насока, при задоволување на потребата од работник преку објавување јавен оглас преку АВРМ, не е возможно објавување оглас кој не ги содржи сите задолжителни елементи во согласност со член 23 од ЗРО“, информираат од Агенцијата.
Додаваат дека директна обврска на работодавецот е да го објави износот на плата во огласот, што е регулирано во членовите 22, 23 и 24 од ЗРО. Додека, според член 265, се предвидува глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност за работодавецот - правно лице ако објави јавен оглас за слободното работно место спротивно на овој Закон.
„Законот е јасен и тоа го почитуваат фирмите што даваат огласи преку АВРМ. Но, има голем дел од нив што постапува спротивно на Законот, односно прават своевидно изигрување, што би требало да го следи Трудовата инспекција. Веројатно работодавците мислат дека можат отпосле да се договорат со работниците за износите на платата и ќе ја вградат дополнително во договорите за работа. Затоа, многумина од нив даваат огласи преку разни интернет-страници, често бесплатно, значи, си прават еден вид сопствена реклама. Во секој случај не мислам дека тоа претставува некаква голема штета за државата и дека со тек на време и законски ќе се канализираат овие работи. Но, се согласувам дека појавата е на штета на лицата што бараат работа“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.