Рафинеријата ОКТА оваа година прв пат во Македонија ја користи можноста да исплати дивиденда преку Централниот депозитар за хартии од вредност. Договорот за соработка денеска го потпишаа директорката на депозитарот, Елена Јакимовска-Петровска и главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Героланос. Тој рече дека прв пат во историјата се случува ОКТА да исплати дивиденда и компанијата за тоа ќе ја искористи можноста на Централниот депозитар за хартии од вредност - да посредува во пресметка и исплата на дивиденда. Резултатот од позитивниот раст на компанијата е дивидендата што ќе ја добијат нашите акционери.
Рафинеријата ОКТА оваа година прв пат во Македонија ја користи можноста да исплати дивиденда преку Централниот депозитар за хартии од вредност.
Договорот за соработка денеска го потпишаа директорката на депозитарот, Елена Јакимовска-Петровска и главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Героланос.
Тој рече дека прв пат во историјата се случува ОКТА да исплати дивиденда и компанијата за тоа ќе ја искористи можноста на Централниот депозитар за хартии од вредност - да посредува во пресметка и исплата на дивиденда.
„Резултатот од позитивниот раст на компанијата е дивидендата што ќе ја добијат нашите акционери. Се одлучивме да одиме преку Централниот депозитар зашто тој поседува технички, персонален и институционален капацитет за извршување на овој вид трансакција за исплата на дивиденда, на брз и ефикасен начин“, изјави Героланос, додавајќи дека ова ќе донесе бенефити и за акционерите, но и за компанијата.
Инаку, депозитарот е единствена специјализирана институција во земјава која врши упис на новоиздадените хартии од вредност и ги евидентира сите други промени, притоа применувајќи бројни домашни и меѓународни стандарди.
Депозитарот располага со податоци со ажурирана состојба на сопственоста на хартиите од вредност во секој момент, што овозможува брзо и ефикасно трансферирање на дивидендата.
„Бенефитот за компаниите од користењето на услугите на депозитарот при исплатата на дивидендата и данокот кон Управата за јавни приходи е капацитетот на депозитарот во вршењето на овие активности и сеопфатноста на услугата, притоа гарантирајќи високо ниво на доверливост и прецизност, што на крајот ќе резултира со задоволни акционери на компанијата. Задоволство ни е што ОКТА ги препозна овие квалитети на депозитарот“, рече директорката на депозитарот, Јакимовска-Петровска.
Според неа, со ова се овозможува компанијата да се фокусира на својата примарна дејност и сите ресурси да ги троши на тоа, наместо на активности кои се случуваат еднаш во годината, како што е исплатата на дивидендата.
Инаку, ОКТА лани прикажа подобрени резултати и профитабилност споредено со претходните години. За првпат од основањето на компанијата, на акционерите на ОКТА ќе им биде доделена дивиденда.
Во ОКТА има околу 1.400 акционери, кои на адресите што се евидентирани во депозитарот ќе бидат писмено поканети да достават податоци за нивните трансакциски сметки, за да може да им се исплати дивидендата.
Депозитарот најавува дека ќе ги стави на располагање своите човечки ресурси, па сите акционери кои ги немаат ажурирано своите податоци, можат да се обратат директно до депозитарот.