Од погонот на „Роит“, сопственост на Иван Јанкулоски од тетовското село Брвеница, веќе три години излегуваат значајни количини органско масло, прво од ваков вид во нашата земја. На потрошувачите маслото „Санвитал“ им се пласира во пакувања од еден, пет и од десет литри. Сопственикот на погонот вели дека ова масло за јадење е ладно цедено, без конзерванси и адитиви, без никакви други препарати и се препорачува како органски здрава храна. Повеќе години работам во Сан Северино во Италија на производство на зејтин од ладно цедени маслинки и од сончоглед. Тоа ми даде идеја да се определам да инвестирам во моето родно село Брвеница. Проучував можност за производство на сончоглед, кој со децении е исфрлен од земјоделското производство во Полог, иако бил застапен на повеќе и на големи површини. Успеав да се снајдам со земање земјиште под закуп.
Од погонот на „Роит“, сопственост на Иван Јанкулоски од тетовското село Брвеница, веќе три години излегуваат значајни количини органско масло, прво од ваков вид во нашата земја. На потрошувачите маслото „Санвитал“ им се пласира во пакувања од еден, пет и од десет литри. Сопственикот на погонот вели дека ова масло за јадење е ладно цедено, без конзерванси и адитиви, без никакви други препарати и се препорачува како органски здрава храна.
„Повеќе години работам во Сан Северино во Италија на производство на зејтин од ладно цедени маслинки и од сончоглед. Тоа ми даде идеја да се определам да инвестирам во моето родно село Брвеница. Проучував можност за производство на сончоглед, кој со децении е исфрлен од земјоделското производство во Полог, иако бил застапен на повеќе и на големи површини. Успеав да се снајдам со земање земјиште под закуп. Првата година имав 35 хектари, а наредните две по 20 хектари. Во меѓувреме успеав да купам два хектара, кои сега претставуваат база за натамошен раст. Се определив за сончогледово семе од Нови Сад од органско потекло. Тоа се покажа како правилна определба и како услов да се пристапи кон оформување погон за производство на масло“, вели Иван Јанкулоски.
Потоа почнале и пресметки за набавка на потребната механизација за производство на сончоглед и цедење на зејтинот. Јанкулоски вели дека почетната инвестиција за оваа намена изнесувала 100.000 евра и за тие пари купил три трактори, специјален комбајн за берба на сончоглед, машина за чистење, преса и друга опрема. Сето тоа условило да се добијат првите количини органски здраво масло, со кое постапно се освојувал пазарот. Првата година биле произведени 30 тони, а во наредните две по 20 тони. Освен во Брвеница и Тетово, маслото „Санвитал“ постепено ги освојувало и пазарите во Скопје, Гостивар, Охрид, Куманово и Кичево.
„Кавадарци е посебна приказна. Таму се произведуваат ајвари наменети за странски пазари, кои се условени да бидат подготвени со органски здраво масло. Со фабриката во Кавадарци посебно се договоривме и таа меѓусебна доверба сега само ја надградуваме“, вели Јанкулоски.
Тој појаснува дека маслото во погонот во Брвеница се цеди на ниски температури до 30 степени, со што се зачувуваат хранливите материи, особено витамините.
„Во определбата, морам да признаам дека имаше големо влијание и мојот работодавач во Италија, кој ми велеше дека е ова масло на иднината, бидејќи не само што е здрава храна, туку и лековита. Не се излажав, ми се потврди ова тврдење на италијанскиот производител“, додава Јанкулоски и појаснува дека по употребата на овој зејтин жена од Скопје излекувала тромбоза, но дека поголеми ефекти има лекување на кардиоваскуларните заболувања. Тој додава дека овој производ има посебна примена во козметичката индустрија.