Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го одбија предлог-законот кој беше доставен од повеќе пратеници од опозицијата, а со кој тие бараа да се укине давачката што е наметната за дуќанџиите, секоја година да плаќаат по 60 евра за сервисирање на ГПРС системот за фискалните каси. На денешната седница на собраниската Комсија за финансирање и буџет на која се разгледуваше предлогот, Марјанчо Николов рече дека од оваа давачка биле затечени сопствениците на фискалните каси, затоа што неа ја нема ни во закон, ни во договорот што фирмите го склучувале со трговците што ги продаваат фискалните апарати.
Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го одбија предлог-законот кој беше доставен од повеќе пратеници од опозицијата, а со кој тие бараа да се укине давачката што е наметната за дуќанџиите, секоја година да плаќаат по 60 евра за сервисирање на ГПРС системот за фискалните каси.
На денешната седница на собраниската Комсија за финансирање и буџет на која се разгледуваше предлогот, Марјанчо Николов од СДСМ рече дека од оваа давачка биле затечени сопствениците на фискалните каси, затоа што неа ја нема ни во закон, ни во договорот што фирмите го склучувале со трговците што ги продаваат фискалните апарати.
Образложувајќи ги предложените измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања, Николов рече дека партијата бара сервисирањето на врската меѓу ГПРС терминалот и крипто-модулот, да се врши без надоместок.
„Ако него не го платат фирмите, УЈП им ја прекинува врската и фискалниот апарат останува неупотреблив. Воопшто и не е јасно зошто треба нешто да се плати ако фискалната каса работи, ако ГПРС-терминалот функционира и ако крипто-модулот е исправен. Ова се прави само да се наполнат со пари трговците на фискални апарати, а УЈП тоа го овозможува“, рече овој пратеник. Според него, се бара и да не постои казнена одредба затворање објект.
Владата доставила мислење за овој предлог закон на опозициските пратеници, во кое вели дека „дополнителните ослободувања што ги бараат пратениците, можат негативно да влијаат врз функционирањето на системот за регистрирање на готовинските плаќања, или да предизвикаат негативни фискални импликации врз буџетот“.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска рече дека предложеното законско решение од пратениците од СДСМ, е нестручно, неаргументирано и контрадикторно. „Од една страна, барате да нема пари за надоместок за врската, а во образложението велите да бидат пониски трошоците.
Тоа е контрадикторно. Вие зборувате за трошок од 60 евра, но тој не е толкав, има пакети од 1.500 денари. И сами знаете дека сервисерите нема да прават нешто без да си го наплатат трошокот. Со касите со ГПРС се намалија административните трошоци, се намалија инспекциските контроли и ова беше поздравено од бизнис заедницата“, рече Кузмановска.
Таа смета дека бришењето на одредбите за затворање на објектите е неоправдано, бидејќи тоа ќе влијае на фискалната дисциплина и ќе ја зголеми сивата економија. На ова и реплицираше Николов, кој кажа дека за тоа каква фискална дисциплина имало, најдобро може да се види од нелегално изнесените 5 милијарди долари во последниве 10 години.