Втора година по ред Македонија ја завршува со дефлација. Најновите податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика говорат дека во минатата, 2015 година, трошоците за живот биле пониски за 0,3 отсто во однос на претходната 2014 година. Со негативна стапка на инфлација, исто од 0,3 отсто, заврши и 2014 година. Во изминатите две години, колку што трае трендот на намалување на трошоците на живот во земјава, од Народна банка на Македонија велат дека станува збор за увезени состојби, односно дека тие се должат на пониските цени на нафтата во светски размери, како и на намалувањето на некои цени на прехранбените производи.
Втора година по ред Македонија ја завршува со дефлација. Најновите податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика говорат дека во минатата, 2015 година, трошоците за живот биле пониски за 0,3 отсто во однос на претходната 2014 година. Со негативна стапка на инфлација, исто од 0,3 отсто, заврши и 2014 година.
Во изминатите две години, колку што трае трендот на намалување на трошоците на живот во земјава, од Народна банка на Македонија велат дека станува збор за увезени состојби, односно дека тие се должат на пониските цени на нафтата во светски размери, како и на намалувањето на некои цени на прехранбените производи.
Граѓаните реагираат дека тие никако не можат да ги почувствуваат пониските цени кои ги регистрира статистиката, односно напротив, нивниот џеб се' потешко може да си ги дозволи цените на основните продукти што ги нудат маркетите.
Гледано по години, 2013 година заврши со стапка на инфлација од 2,8 отсто, а во 2012 година таа изнесувала 3,3 отсто. Пораст на трошоците на живот бил регистриран и во 2011 година, и тоа 3,9 отсто, а позитивна стапка на инфлација е забележана и во 2010 година, 1,6 отсто. Една година претходно, во 2009, имало дефлација од 0,8 отсто, додека, пак, 2008 година земјава ја заврши со висока инфлација од 8,3 проценти.
Народна банка на Македонија очекува дека овој тренд на пад на општото ниво на цените, односно дефлацијата, ќе заврши со 2015 година. Прогнозите на НБМ беа дека минатата година ќе заврши со стапка на инфлација околу нулата, а конечниот резултат излезе минус од 0,3 отсто.
За оваа година, пак, централната банка веќе очекува трошоците на живот да растат, односно стапката на инфлација да биде 1,5 отсто, а тоа ќе биде главно резултат на исцрпување на ефектите од падот на цените на нафтата, како и од падот на цените на храната.
А дека падот на трошоците на живот се должи само на нафтата, доволно покажува фактот што лани најмногу во земјава се намалиле трошоците за транспорт, и тоа за 9 отсто. Пониски трошоци граѓаните имале и за комуникации, и тоа за 4,9 проценти.
Додека, пак, пораст на трошоците на живот е забележан во речиси сите други области. Такви се алкохолните пијалаци и тутунот, кои поскапеле за 5,4 отсто, додека, пак, мебелот, покуќнината и одржувањето на покуќнината за 2 отсто.
Граѓаните во земјава лани имале и повисоки трошоци за здравјето, за 1,5 отсто. За нив поскапеле и рестораните и хотелите, за 1,2 отсто, како и домувањето, водата, електриката и гасот, за 1,1 отсто. Кај рекреацијата и културата, трошоците пораснале за 0,8 отсто, облеката и обувките за 0,4 отсто, а кај храната и безалкохолните пијалаци и образование порастот е помал, за 0,1 процент.