Во Домот на културата во Валандово се одржа настан во организација на Министерството за земјоделство и Владатa, на кој министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, и претставникот на компанијата изведувач на проектот „Штрабаг“, Златан Ѓурѓиќ, го потпишаа договорот за градежните работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза. На настанот свои обраќања имаа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев. Како што нагласија тие, со потпишувањето на овој договор почнува со реализација важен проект кој претставува значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24,3 милиони евра од кој дел се буџетски пари, а дел се кредит и грант од германската развојна банка КФВ.
Во Домот на културата во Валандово се одржа настан во организација на Министерството за земјоделство и Владатa, на кој министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, и претставникот на компанијата изведувач на проектот „Штрабаг“, Златан Ѓурѓиќ, го потпишаа договорот за градежните работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза.
На настанот свои обраќања имаа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Како што нагласија тие, со потпишувањето на овој договор почнува со реализација важен проект кој претставува значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24,3 милиони евра од кој дел се буџетски пари, а дел се кредит и грант од германската развојна банка КФВ.
„Со потпишувањето на договорот за овој важен проект ги зголемуваме капиталните инвестиции во земјоделството, создаваме модерни системи за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна, ќе придонесат за создавање модерно и европско земјоделство“, истакна Заев во своето обраќање.
Вицепремиерот Анѓушев потенцира дека реализацијата на овој проект ќе им гарантира на земјоделците од Валандовскиот Регион квалитетно и предвидливо земјоделско производство.
„Со овој проект придонесуваме еден од најбогатите региони за земјоделски производи да добие квалитетно наводнување и предвидливост во земјоделското производство. Ќе се зафаќа вода од Удово од реката Вардар, понатаму со главен цевковод од 8,9 километри ќе се носи до препумпни станици и ќе има дистрибутивна мрежа од 85 километри. Сето тоа гарантира дека во иднина сите луѓе и граѓани што планираат да се занимаваат со земјоделство, а ние се обидуваме да ги охрабриме да бидат во поголем број, ќе имаат еден систем што ќе им гарантира дека навреме ќе добијат вода која е суштински важна за сите земјоделски производи, а особено за раноградинарските култури, кои се исклучително запазени во овој регион, каде што овој систем за наводнување ќе биде инсталиран“, изјави Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека реализацијата е предвидено да трае 21 месец, но се очекува да заврши и порано со оглед на тоа дека сите услови за инвестицијата се исполнети. Дополнително, потенцира дека со германската развојна банка КФВ веќе течат преговорите за нова поддршка за спроведување трета фаза од проектот за јужновардарската долина, со кој ќе се наводнуваат дополнителни 1.700 хектари.
Освен договорот со изведувачот на градежните работи, денеска на настанот министерот Николовски ги потпиша и договорите за надзор на проектот со Градежниот институт Македонија и договорот за консултантски услуги со компанијата AHT Group AG.