Во време кога цената на акциите на „Фершпед“ на редовните тргувања на Македонската берза се движи околу 40.000 денари, голем интерес во берзанските кругови предизвика продажбата на околу 2,5 отсто од капиталот на компанијата, по цена повеќе од тројно повисока, односно по 128.000 денари по акција. Завчера на берзата помина администраторска блок-трансакција, на која засега непознат инвеститор купи 450 акции на оваа шпедитерска компанија, плаќајќи за нив вкупно 57,6 милиони денари, односно над 936.000 евра. Купувачот на овој акционерски пакет тежок 2,48 отсто од главнината на друштвото засега не е познат, а може да се дознае утре, откако ќе истечат трите дена одредени за порамнување.
Во време кога цената на акциите на „Фершпед“ на редовните тргувања на Македонската берза се движи околу 40.000 денари, голем интерес во берзанските кругови предизвика продажбата на околу 2,5 отсто од капиталот на компанијата, по цена повеќе од тројно повисока, односно по 128.000 денари по акција.
Завчера на берзата помина администраторска блок-трансакција, на која засега непознат инвеститор купи 450 акции на оваа шпедитерска компанија, плаќајќи за нив вкупно 57,6 милиони денари, односно над 936.000 евра. Купувачот на овој акционерски пакет тежок 2,48 отсто од главнината на друштвото засега не е познат, а може да се дознае утре, откако ќе истечат трите дена одредени за порамнување.
Купопродажбата е реализирана преку администраторска блок-трансакција, што значи дека се доставува договор до берзата меѓу купувачот и продавачот, по што ни еден друг заинтересиран купувач не може да се вмеша и да наддава за купување на соодветната количина акции.
Кој и зошто ги купил овие акции на „Фершпед“ по толку висока цена, плаќајќи за нив скоро еден милион евра, и со кои мотиви, се дел од прашањата што се поставуваат во отсуство на официјални информации.
Сличен потрес имаше пред две години кога цената на акциите на „Фершпед“ уриваше рекорди и достигна и до неколку илјади евра, откако се разгоре битка за остварување превласт во компанијата. Клучните акционери и нивните партнери тогаш како да се натпреваруваа кој ќе купи повеќе акции, па речиси секојдневно се реализираа администраторски блок-трансакции, со истргувани одредени акционерски пакети и со цени секој ден повисоки од претходниот. Но, откако превирањата завршија, а контролата врз компанијата ја задржа семејството Накови, и се искристализира сопственичката структура, цената на акциите почна да се нормализира.
Во отсуство на официјални информации, познавачите претпоставуваат дека е можно мнозинските сопственици, односно семејството Накови, сега да ги откупуваат акциите од нивните бизнис-партнери, кои во време на превирањата купуваа со цел да ги зајакнат нивните позиции во компанијата, и тоа по цени по кои тие своевремено ги купиле акциите. Но, нашите извори велат дека ова е само една од можните варијанти, а можно е во фирмата да влегува и целосно нов „играч“.
Со оглед што Централниот депозитар на хартии од вредност на стартот на секоја недела ги објавува сопствениците на над пет отсто од акциите во компаниите, дали некој од сегашните акционери го зголемил или го намалил својот пакет акции во „Фершпед“, ќе се знае в понеделник следната недела.
Во моментов, со состојба на 21 декември годинава, неколку сопственици имаат над пет отсто од акциите. Односно, Драгослав Димевски поседува 5 отсто, потоа словенечки „Алпен“, мешан флексибилен фонд располага со 5,87 отсто, Драган Наков има 11,83 отсто, неговиот брат Сашо поседува 11,04 проценти од капиталот, потоа друштвото за трговија и услуги „АВТ консалтинг“ за увоз и извоз располага со 10,01 отсто, компанијата „Европа“ има 5,61 отсто од акциите, и самата компанија „Фершпед“ има сопствени акции од 9,99 проценти од капиталот.