Во блок-трансакција на Македонската берза вчера беше продадена Алфа банка АД Скопје, за износ од 1,2 милиони евра. Тоа е епилогот на повеќемесечните неофицијални најави дека оваа до скоро банка во грчка сопственост, ќе се најде на продажба. Како што соопшти Берзата, во вчерашната трансакција беа продадени 10.305 акции на Алфа банка, што претставува 100 отсто од основната главнина на друштвото, по цена од 7.183,70 денари за акција. Вкупната вредност на трансакцијата изнесува 74.028.029 денари, или околу 1,2 милиони евра. Инаку, номиналната вредност на акциите на Алфа банка, како што се вели во соопштението на берзата, изнесува 120 илјади денари.
Во блок-трансакција на Македонската берза вчера беше продадена Алфа банка АД Скопје, за износ од 1,2 милиони евра. Тоа е епилогот на повеќемесечните неофицијални најави дека оваа до скоро банка во грчка сопственост, ќе се најде на продажба.
Како што соопшти Берзата, во вчерашната трансакција беа продадени 10.305 акции на Алфа банка, што претставува 100 отсто од основната главнина на друштвото, по цена од 7.183,70 денари за акција. Вкупната вредност на трансакцијата изнесува 74.028.029 денари, или околу 1,2 милиони евра.
Инаку, номиналната вредност на акциите на Алфа банка, како што се вели во соопштението на берзата, изнесува 120 илјади денари.
Засега, официјално не се соопштува кој е новиот сопственик на доскорашната македонска подружница на една од најголемите банки во Грција и кое ќе биде новото име на банката.
Во изминатиот период медиумите во Грција во повеќе наврати пишуваа дека грчките банки се под притисок на меѓународните кредитори да се ослободат од своите подружници во регионот, како дел од мерките за штедење кои меѓународната заедница и' ги наметна на земјата која неколку години е во длабока економска криза.
Алфа банка во Македонија е од 2000 година кога го купи управувачкиот пакет од тогашна Kредитна банка, која беше формирана во 1993 година. По две години беа докупени преостанатите акции, по што банката беше ребрендирана во името кое го носеше досега. Медиумите пишуваат дека од Алфа банка за деновиве најавуваат прес-конференција, на која ќе бидат обелоденети повеќе детали за натамошното работење.
„Утрински весник“ неодамна пишуваше дека вработените го очекуваат новиот директор во банката, кој требаше да го претстави и планот за работа. Неофицијалните информации беа дека нов газда на Алфа банка Скопје ќе биде швајцарскиот фонд „Силк роуд капитал аг“ со седиште во Цирих.
Според неофицијалните информации од банката, новите газди планирале во иднина многу повеќе да бидат насочени кон работа со компаниите, наместо кон кредитирање на населението, каква што досега беше деловната политика на банката. Новиот сопственик наводно веќе купил или планирал да купи две помали компании од земјава, за кои финансиска логистика треба да обезбеди токму оваа банка.
Инаку, вчера реагираше СДСМ, кој преку соопштение до медиумите ја обвини Народната банка на Македонија за нетранспарентност при продажбата на Алфа банка Скопје.
„Гувернерот Богов на крајно нетранспарентен начин даде дозвола да се продаде Алфа банка АД Скопје за 1,2 милиони евра на швајцарски фонд, чиј претседател на Управен одбор се јавува и како основач на компанија која соработувала со Владата предводена од Никола Груевски. Предмет на соработка биле консултантски услуги“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од таму исто така велат дека „пред само 30 дена од кабинетот на гувернерот Богов беше лиферувана информација за медиумите во која децидно беше кажано дека нема поднесено барање за купопродажба на акциите на Алфа банка АД Скопје и доколку такво барање биде пристигнато за него ќе биде известена јавноста“, меѓутоа тоа не било направено, туку трансакцијата била реализирана преку Берзата.
Според домашните прописи, НБМ мора да ја одобри промената на сопственоста во банкарскиот сектор, како и да даде согласност за новите менаџери.
Инаку, според информациите кои изминатиот период беа објавени во дел од медиумите во земјава, швајцарскиот фонд „Силк роуд капитал аг“ располага со капитал од 100.000 швајцарски франци. Тој бил познат по вложувања во банки и финансиски компании и управување со средства и недвижен имот.
Претседател на неговиот Управен одбор е Анисур Рахман Кан, основач на компанијата „Лонестеп Гмбх“. Таа компанија, пак, од Владата била избрана за консултант за воспоставување на слободната финансиска зона во Македонија.