Се' погласни се шпекулациите дека се продава филијалата на грчката Алфа банка во Македонија. Од Народна банка на Македонија, како и од банката нема потврда, но вработени во банката, неофицијално велат дека целата постапка е во завршна фаза. Оваа банка, која има сопственик од Грција, во согласност со препораките од ЕУ веќе подолг период работи на продавање на своите филијали на Балканот. Ние од наша страна немаме нешто што би споделиле со јавноста, гласеше кусиот одговор од НБМ на прашањето околу неофицијалните информации дека е веќе готова продажбата на Алфа банка. Во меѓувреме, во банкарски кругови веќе се споменува и името на можниот нов сопственик на банката. Станува збор за индиски инвеститор, кој би влегол во Алфа банка, преку швајцарски фонд, како нов мнозински акционер.
Се' погласни се шпекулациите дека се продава филијалата на грчката Алфа банка во Македонија. Од Народна банка на Македонија, како и од банката нема потврда, но вработени во банката, неофицијално велат дека целата постапка е во завршна фаза.
Оваа банка, која има сопственик од Грција, во согласност со препораките од ЕУ веќе подолг период работи на продавање на своите филијали на Балканот.
„Ние од наша страна немаме нешто што би споделиле со јавноста“, гласеше кусиот одговор од НБМ на прашањето околу неофицијалните информации дека е веќе готова продажбата на Алфа банка.
Во меѓувреме, во банкарски кругови веќе се споменува и името на можниот нов сопственик на банката. Станува збор за индиски инвеститор, кој би влегол во Алфа банка, преку швајцарски фонд, како нов мнозински акционер.
Според неофицијални информации, вработените во банката уште од летото минатата година се во исчекување на информација кој ќе биде новиот сопственик и што ќе се случува со банката. Уште пред неколку месеци, атинскиот весник „То вима“, во текст со наслов „Грчките банки се повлекуваат од Балканот“, пишуваше дека банките во таа земја ги очекуваат промените во работното законодавство на Грција, по што ќе ги објават своите планови за преструктурирање.
Тие планови ќе опфатат и затворање на нивните филијали во балканските земји“. Мерките за штедење, како што пишуваше весникот, се очекува да ги опфатат и филијалите на грчките банки во странство, пред се' оние во балканските земји, што ќе доведе до драстично намалување на нивната активност надвор од територијата на Грција.
Преструктурирањето на филијалите на грчките банки на Балканот може да биде со нивно затворање, продажба на други банки или со нивно спојување. Како можност за ова се наведува примерот со продажбата на филијалата на Алфа банк во Бугарија на бугарската Поштенска банка, која е во сопственост на грчката Еуробанк.
Алфа банка е долги години присутна на македонскиот банкарски пазар. Своевремено беше сериозно застапена и во кредитирањето, особено при доделувањето на станбените кредити.
Во моментов банката располага со вкупно 18 експозитури и 245 вработени. Во Грција Алфа банк груп претставува една од водечките банки во финансискиот сектор, со изразено присуство на интернационалниот банкарски пазар.
Групацијата нуди широк спектар на финансиски производи и услуги, вклучувајќи банкарство за население, корпоративно банкарство, управување со средства, инвестициски производи и управување со недвижности.