Населението во земјава продолжило да се задолжува главно за потрошувачка и во ноември оваа година, тренд кој владее подолг период наназад. За малку да се редуцира користењето на потрошувачки кредити на стартот на минатата година Народна банка на Македонија донесе извесни мерки, но граѓаните и натаму главно ги бараат и ги користат овој тип на кредити од домашните банки. На крајот на ноември вкупното кредитирање на населението пораснало за нови 14 милиони евра, покажуваат најновите податоци што деновиве ги објави централната банка. Или, граѓанството кон домашниот банкарски сектор вкупно должи 2,032 милијарди евра, наспроти 2,018 милијарди пресметани вкупни кредити за физички лица во октомври. Со тоа просечната задолженост по граѓанин во земјава, под претпоставка дека бројот на жители е околу два милиони, веќе позначајно ја надминува границата од илјада евра, или конкретно достигна 1.016 евра.
Населението во земјава продолжило да се задолжува главно за потрошувачка и во ноември оваа година, тренд кој владее подолг период наназад. За малку да се редуцира користењето на потрошувачки кредити на стартот на минатата година Народна банка на Македонија донесе извесни мерки, но граѓаните и натаму главно ги бараат и ги користат овој тип на кредити од домашните банки.
На крајот на ноември вкупното кредитирање на населението пораснало за нови 14 милиони евра, покажуваат најновите податоци што деновиве ги објави централната банка. Или, граѓанството кон домашниот банкарски сектор вкупно должи 2,032 милијарди евра, наспроти 2,018 милијарди пресметани вкупни кредити за физички лица во октомври. Со тоа просечната задолженост по граѓанин во земјава, под претпоставка дека бројот на жители е околу два милиони, веќе позначајно ја надминува границата од илјада евра, или конкретно достигна 1.016 евра.
Потрошувачките кредити, како убедливо најзастапен тип на кредитирање, и во ноември пораснале за значајна сума, односно за близу 11 милиони евра, што е поголем раст од октомврискиот, кој изнесуваше 7 милиони евра. Сега граѓаните по основ на потрошувачки кредити им должат на домашните банки 1,031 милијарди евра, зборуваат податоците на НБМ.
Потрошувачките кредити главно се користат за егзистенцијални потреби, а често и за набавка на апарати за домаќинството, за образование или пак за годишни одмори. Потрошувачките кредити се земаат и за купување автомобили, а често домашните банки одобруваат и потрошувачки кредити за „интегрирање“ на по неколку кредитни картички од различни банки, со што на клиентот му се олеснува исплатата.
Растат и станбените кредити, во ноември за околу пет милиони евра, што е помалку од октомврискиот раст кој изнесувал девет милиони евра. За купување на стан или за изградба на куќа граѓаните должат вкупно над 551 милиони евра.
Во ноември годинава граѓаните малку „олабавиле“ со кредитните картички, па износот на долгот по тој основ е намален за околу 320 илјади евра. Сепак, вкупниот долг што граѓаните го имаат кон банките по основ на „пластика“ не е за занемарување, и изнесува на крајот на ноември 203 милиони евра.
За разлика од картичките, пораст има на долгот од негативните салда на тековните сметки, преку кои се премостуваат ниските плати на граѓаните. Во ноември тие се искачиле на близу 105 милиони евра, за 565 илјади евра во однос на претходниот месец.
Каматните стапки се највисоки кај минусите на тековна и кредитните картички, и изнесуваат над 11 отсто, но од стартот на идната година се очекува нивно благо намалување.
Тоа ќе следува по неодамнешната одлука на НБМ да ја намали основната камата од 4 на 3,75 отсто, што ќе повлече и намалување на максималните каматни стапки утврдени согласно законските прописи, а тоа, пак, ќе ги намали каматните стапки на негативните салда и картичките.
Како добра вест во ноември може да се третира фактот што се намалиле лошите кредити кај населението, кое во принцип важи за дисциплиниран клиент. Нефункционалните заеми паднале за 2,3 милиони евра, сведувајќи се на 52,4 милиони евра. Претходниот месец тие имаа раст од 1,5 милиони евра, но сега тргнуваат по надолна линија.
Инаку, според анкетата на НБМ за кредитна активност, но која се однесуваше за третиот квартал од годинава, граѓаните во тој период повеќе барале станбени, а помалку потрошувачки кредити.