Разликата во каматите ги набилда профитите на банките

Bez autora
Mar 15 2016

Добивките на банките и натаму предизвикуваат интерес во јавноста, која не престанува да дебатира како им успева да работат екстра-профитабилно. Овие дилеми се наметнуваат во време кога податоците за минатата година покажаа дека растот од 3,7 отсто главно се темели на резултатите на градежниот сектор. Покрај градежништвото, еден од подобрите сектори бил токму банкарскиот, односно финансиските дејности и дејностите на осигурување, со раст од 11,8 отсто. Народна банка на Македонија неодамна презентираше податоци дека целиот банкарски сектор лани остварил вкупен профит од 75,4 милиони евра, што е раст за над 47 отсто во однос на една година претходно.

Разликата во каматите ги набилда профитите на банкитеДобивките на банките и натаму предизвикуваат интерес во јавноста, која не престанува да дебатира како им успева да работат екстра-профитабилно. Овие дилеми се наметнуваат во време кога податоците за минатата година покажаа дека растот од 3,7 отсто главно се темели на резултатите на градежниот сектор.

Покрај градежништвото, еден од подобрите сектори бил токму банкарскиот, односно финансиските дејности и дејностите на осигурување, со раст од 11,8 отсто.

Народна банка на Македонија неодамна презентираше податоци дека целиот банкарски сектор лани остварил вкупен профит од 75,4 милиони евра, што е раст за над 47 отсто во однос на една година претходно.

Најпрофитабилна лани била Стопанска банка Скопје, со профит од 31,2 милиони евра, а по неа НЛБ Тутунска банка, со добивка од 13,5 милиони евра. Во кондиција се врати и Комерцијална банка, остварувајќи профит од 8,5 милиони евра. Уште една банка од големата четворка, Охридска, минатата година оствари одлична добивка од 6,5 милиони евра. Или, гледано збирно, најголеми дел од профитот, 59,7 милиони евра, го оствариле големите банки.

Средните банки имале вкупна добивка од 16 милиони евра. Малите банки, пак, значително ја намалиле нивната вкупна загуба, и таа сега изнесува околу 244 илјади евра.

Според заедничкиот биланс на успех што го објавува НБМ, главен „мотор“ се разликите меѓу каматите на кредитите и каматите на депозитите. Всушност, тоа се нето-приходи од камати за банките кои ги обезбедуваат најголемите приходи во билансите на успех на речиси сите банки.

За илустрација можат да се земат податоците на НБМ, кои говорат дека лани, во споредба со 2014 година, кај банките се намалиле и приходите од камати (приходите од кредитите што банките ги даваат на стопанството и на граѓаните), и расходите од камати (кои банките им ги плаќаат на фирмите и на домаќинствата за депозитите и штедните влогови што кај нив ги чуваат). Но, многу повеќе паднале расходите отколку приходите од камати.

Така, лани банките вкупно наплатиле приходи од камати од 324,5 милиони евра, што е намалување за 4,3 милиони евра во однос на една година претходно. За расходи за камати издвоиле 91 милион евра, што е намалување за дури 24,9 милиони евра во однос на 2014. Тоа значи дека многу побрзо паѓаат расходите за камати отколку приходите, и тоа прави да растат нето-приходите од камати. Или, лани нето-приходите од камати вкупно достигнале 233,4 милиони евра, што е пораст од дури 21 милион евра. Зголемени се и приходите од провизии и надоместоци, кои лани достигнале 68,8 милиони евра.

Ако се погледнат, пак, каматите што ги наплатуваат и плаќаат банките, може да се види дека паѓаат и каматите на кредитите, и на депозитите, и тоа со идентична динамика. Односно, во јануари годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити, и денарски и девизни, изнесувала 6,5 отсто, што е намалување за 0,6 процентни поени во однос на јануари лани. А, просечната камата, пак, на вкупните депозити, во јануари годинава паднала дури до 1,9 отсто, што е исто така минус за 0,6 поени во однос на една година претходно. Но, разликата меѓу активните и пасивните камати е дури 4,6 процентни поени, што е голема маргина, не само за да се покријат банкарските трошоци, туку и за да се остварат добри профити. И банкарите се согласуваат дека нето-приходите од камати ги прават најголемите профити.

„Поентата е во намалувањето на пасивната каматна стапка. Односно, најголем дел од билансите на банките покажуваат дека нивните приходи од камати се исти, но расходите од камати се намалуваат, и од таму се зголемуваат добивките“, вели Драгољуб Арсовски, прв човек на ТТК банка. Според него, влијание врз зголемување на профитите има и продажбата на некои претходно преземени средства, на пример фабричка хала, или друг имот.

Според дел од банкарите, разликата меѓу активната и пасивната камата мора да биде минимум 2,5 до 3 процентни поени, за да може банката воопшто да оствари профит. Но, некои од банките велат дека кај нив таа маргина е поголема. „Кај нас маржата треба да биде 4 процентни поени, со цел банката да може да ги покрие трошоците и да оствари профит“, објаснува Арсовски. Тој додава дека банките во земјава кои имаат свои мајки во странство, можат да користат поевтини извори на средства, па кај нив може да биде помала каматната маргина. Арсовски укажува и дека негативно врз профитот влијаат резервациите за лошите заеми, а од друга страна за банките се лимитирани со закон затезните камати.

Или, излегува дека поради недисциплинираните клиенти, повисоки камати треба да плаќаат и оние кои редовно ги сервисираат обврските.

Инаку, според билансот на успех на ТТК банка, оваа банка лани остварила позитивен финансиски резултат од 38,1 милиони денари (620.000 евра), и тој е за 27 отсто повисок во однос на претходната година.

Уни банка, пак, лани остварила добивка од 81,7 милиони денари (1,33 милиони евра), кој во однос на истиот период минатата година бележи зголемување од 20,4 отсто. „Нето-каматните приходи како најзначаен елемент на нето-банкарскиот приход во однос на 2014 се зголемени за 3,4 отсто“, велат од банката во образложението.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik