Рудникот за олово и цинк „Тораница“ од Крива Паланка од саботата повторно почна со работа. Рестартирањето беше одбележано со симболичен настан во општината, во соработка со новиот концесионер, бугарската компанија „Минстрој“ што во Македонија ја основаше фирмата „Булмак 2016“ и во август годинава го рестартираше производството и во рудникот „Злетово“ во Пробиштип. „Минстрој“ ќе ги менаџира „Злетово“ и „Тораница“ за годишна концесија од два милиона евра. По потпишувањето на договорот концесионерот најави дека ќе врати на работа околу 1.000-те вработени во двата рудника, со кои претходно стопанисуваше компанијата „Индо минерали“. Во двата рудника се очекува да бидат инвестирани над 20 милиони евра.
Рудникот за олово и цинк „Тораница“ од Крива Паланка од саботата повторно почна со работа. Рестартирањето беше одбележано со симболичен настан во општината, во соработка со новиот концесионер, бугарската компанија „Минстрој“ што во Македонија ја основаше фирмата „Булмак 2016“ и во август годинава го рестартираше производството и во рудникот „Злетово“ во Пробиштип.
„Минстрој“ ќе ги менаџира „Злетово“ и „Тораница“ за годишна концесија од два милиона евра. По потпишувањето на договорот концесионерот најави дека ќе врати на работа околу 1.000-те вработени во двата рудника, со кои претходно стопанисуваше компанијата „Индо минерали“. Во двата рудника се очекува да бидат инвестирани над 20 милиони евра.
„Рудникот ’Тораница’ е поврзан речиси со сите сегменти на живеење во Крива Паланка. Поради тоа, ова е голем ден за нас. Враќање на работа и крај на неизвесноста за работоспособното население со долгогодишно искуство. Но тоа значи и подобрување на економијата во општината, подобар локален економски развој, подобрување на личното и економско живеење на сите граѓани“, рече градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Во моментот во „Тораница“ се ангажирани 210 работници, инженери, стручни лица и рудари, а најавено е зголемување на оваа бројка.
„Ангажираните 210 лица направија напори рудникот да биде подготвен за работа. Вложивме многу, инвестиравме во нови машини, нови технологии и очекуваме уште механизација да пристигне до март 2017, кога рудникот ќе остварува полн капацитет на работење“, изјави Николај Влканов, претседател на бордот на директори на „Минстрој“.
Тој истакна дека луѓето се најценет капитал на една фирма, а не машините и дека платата и правото на надомест кои ги заработиле се неприкосновени.
„Платите се редовни и тоа е основна политика на компанијата. Имаме вкупно 3.000 вработени во нашите компании и сите наши работници на ист датум земаат плата“, рече Влканов.
Според премиерот Емил Димитриев, Владата вложи напори да најде нов, квалитетен инвеститор за рестартирање на рудниците „Злетово“ и „Тораница“. Во моментот се ангажирани 210 лица во „Тораница“, а за краток период тој број ќе се зголеми и на 450 вработени, директни вработувања и уште неколку десетици индиректни вработувања. Во двата рудника сега активно работат околу 500 рудари, а наскоро се очекува бројот на директните вработувања да достигне над 900.
Според Министерството за економија, во државава активно работат над 150 рудници, претежно за експлоатација на олово, цинк, бакар, сребро и злато. Во рударскиот сектор, кој учествува со 1,5 процент во БДП на државата, се ангажирани околу 13.000 работници. Индексот на индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во период јануари - јуни годинава, во однос на истиот период лани, бележи пораст од 3,5 проценти, а бројот на работниците 1,4 процент.