Работите околу рестартирањето на рудниците за олово и цинк „Злетово“ во Пробиштип и „Тораница“ кај Крива Паланка, кои веќе осми месец се вон производна функција, не одат со предвиденото темпо. Иако бугарската компанија „Минстрој“ која го доби концесиското право за експлоатација на минералните суровини во наредните 30 години најави брзо активирање, сепак, се појавија повеќе пречки, а целата ситуација дополнително се компликува со најавата на околу 60 рудари кои работат на одржување на рудниците дека ќе престанат со работа.
Работите околу рестартирањето на рудниците за олово и цинк „Злетово“ во Пробиштип и „Тораница“ кај Крива Паланка, кои веќе осми месец се вон производна функција, не одат со предвиденото темпо.
Иако бугарската компанија „Минстрој“ која го доби концесиското право за експлоатација на минералните суровини во наредните 30 години најави брзо активирање, сепак, се појавија повеќе пречки, а целата ситуација дополнително се компликува со најавата на околу 60 рудари кои работат на одржување на рудниците дека ќе престанат со работа.
„Во нашиот рудник 28 лица работат на одржување. Но, тие немаат добиено плата за месец февруари, а немаат ниту здравствени картони. Рекоа дека ќе си заминат од рудникот ако до 15 часот денеска не добијат плата. Со тоа ќе се загрози сигурноста на рудникот, на неговите јамски простори“, вели Тодос Гацовски, претседател на Синдикатот во „Злетово“.
Од извори упатени во проблематиката дознаваме дека Владата не ги има обезбедено ветените пари за февруарската плата и дека, всушност, тука е причината што рударите одржувачи не можат да бидат исплатени.
А за процесот на одржување на рудниците до нивното рестартирање Владата донесе одлука да издвои 60.000 евра од буџетот.
Но, очигледно, двата рудника и рударите кои со нетрпение го очекуваат рестартирањето се соочуваат и со друг проблем. Рудниците нема да можат да почнат со обнова, а потоа и со работа се' додека не се реши проблемот со хипотеките на компанијата „Бинани“ врз имотот на „Индоминерали и метали“.
Имено, кон крајот на 2014 година фирмата „Макаров лимитед“ од Лондон, врз основа на даден заем од околу 7 милиони евра има воспоставено хипотека врз имотот на „Индоминерали и метали“. И двете фирми се сопственост на бизнисменот Гогул Бинани.
Под хипотека е ставен целокупниот имот „од игла до локомотива“ на двата рудника, освен флотацијата на рудникот „Тораница“. И сега таа хипотека станува најголемиот проблем за новиот концесионер да може да влезе и да инвестира во нив.
За да се дојде до една таква посакувана и најавувана позиција, неопходно е да се симнат хипотеките врз имотот на „Индоминерали и метали“, што, според некои познавачи на ваквите состојби, може да биде долг процес кој може да трае и една цела календарска година.
Но, пробиштипскиот градоначалник Тони Тоневски, кој до скоро беше и претседател на Одборот на доверители, е оптимист. „Ние се надеваме дека тој процес ќе биде брзо завршен. Основниот суд во Штип не ги прифати побарувањата на ’Макаров лимитед‘ од Лондон, а таквата пресуда ја потврди и Апелацискиот суд.
Незадоволната странка секако дека може да се жали до Врховен суд, но евентуална жалба не го одложува извршувањето на решението, што ни дава надеж дека е можно брзо рестартирање на рудниците“, вели Тоневски.
Вчера во штипскиот Основен суд требаше да се одржи рочиште на Одборот на доверители. Портпаролот на овој суд, судијата Ацо Тасев, не' информираше дека рочиштето било одложено поради тоа што еден член на овој одбор го изгубил статусот на доверител, па било потребно да се избере нов член.
Во однос на судската постапка околу евентуалното побивање на хипотеката, Тасев вели дека постапката била почната на 16 март и дека судот интензивно работи на овој случај.