Ќе се гради ли во Македонија нуклеарна централа? Прашањето е актуелно повеќе години наназад, ама се' уште нема ништо конкретно на тој план. Сепак, идејата е постојано актуелна и никогаш не се напушти, како од политичката, така и од експертската фела. Деновиве повторно се актуализира со распишувањето на тендерот на државната „Електрани на Македонија“, ЕЛЕМ. Со јавниот повик, објавен на страницата на Бирото за јавни набавки, се бара компанија која ќе понуди изработка на студија за човечки ресурси и едукација за инфраструктура за нуклеарна енергетика, за што планира да потроши 16.260 евра. Огласот на ЕЛЕМ трае до 30 јуни кога ќе се отвораат доставените понуди, а рокот за изработка на студијата е 12 месеци.
Ќе се гради ли во Македонија нуклеарна централа? Прашањето е актуелно повеќе години наназад, ама се' уште нема ништо конкретно на тој план.
Сепак, идејата е постојано актуелна и никогаш не се напушти, како од политичката, така и од експертската фела. Деновиве повторно се актуализира со распишувањето на тендерот на државната „Електрани на Македонија“, ЕЛЕМ.
Со јавниот повик, објавен на страницата на Бирото за јавни набавки, се бара компанија која ќе понуди изработка на студија за човечки ресурси и едукација за инфраструктура за нуклеарна енергетика, за што планира да потроши 16.260 евра. Огласот на ЕЛЕМ трае до 30 јуни кога ќе се отвораат доставените понуди, а рокот за изработка на студијата е 12 месеци.
Како што стои во текстот на тендерот, студијата, меѓу другото, треба да содржи анализи, технички испитувања и препораки кои треба да ја подготват Македонија, доколку во иднина се донесе одлука за изградба на нуклеарна централа.
Документот ќе се спроведува во неколку фази, при што за обезбедување на потребниот персонал е предвиден период од 5 години. Според извори од ЕЛЕМ, суштината на студијата е да ги утврди вкупните потенцијали за изградба на нуклеарка во државава.
ЕЛЕМ и пред околу една година распиша тендер за „консултантски услуги за перспективите за примена на нови технологии, вклучувајќи и нуклеарна енергетика“. Проценетата вредност за овие услуги тогаш изнесуваше околу 20.000 евра.
Во таа прилика вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека нема конкретни планови за изградба на нуклеарка, но дека државата треба да биде подготвена за таква ситуација, што значи дека треба да се имаат знаења и подготвени кадри.
Според Владата, ако еден ден се донесе одлука за изградба на нуклеарка, за тоа ќе се распише референдум. А бидејќи вредноста на една нуклеарка во просек изнесува 2 милијарди евра, Македонија ќе мора да се потпре на странски капитал.
Инаку, во изминатите неколку години, по препорака на Владата, во ЕЛЕМ е формирана посебна група со задача да спроведува истражувања и да ги следи регионалните и светските трендови во нуклеарната енергетика и да обучува кадри во таа област.
Според експертите, доколку сега започнат активностите за нуклеарка, вклучувајќи ја и нејзината изградба, тие би траеле најмалку 25 години. Пред се' е потребно да се испочитува комплетната процедура, согласно со Меѓународната агенција за атомска енергија.
Притоа, многу е битно и да се одбере соодветна локација, односно нуклеарката да биде во непосредна близина на вода, со што ќе се обезбедува системот на ладење. Затоа една од идеите кои досега се спомнуваа меѓу експертските кругови беше нуклеарката да биде лоцирана во Мариово, покрај Црна Река.