Се затега законската регулатива околу банките во земјава. Владата до Собранието неодамна предложи измени на Законот за банки, со кои, како што најавува, сака да обезбеди поголема стабилност во банкарскиот систем. Способноста за справување со овие барања е од клучно значење во обезбедувањето услови за ефикасност и стабилност на финансискиот сектор во Македонија во периодот по влезот во Европската Унија, се вели во образложението од Владата. Од Владата велат дека земјава на овој начин ќе се усогласи со стандардите Базел 3, кои се воведоа по банкарската криза во Европа. Објаснуваат дека со законот ќе зајакне корпоративното управување, а ќе се воведат и заштитни слоеви на капиталот на банките, и тоа за негово зачувување, противцикличен заштитен слој, заштитен слој за системски важни банки, и слој за системски ризик.
Се затега законската регулатива околу банките во земјава. Владата до Собранието неодамна предложи измени на Законот за банки, со кои, како што најавува, сака да обезбеди поголема стабилност во банкарскиот систем.
„Способноста за справување со овие барања е од клучно значење во обезбедувањето услови за ефикасност и стабилност на финансискиот сектор во Македонија во периодот по влезот во Европската Унија“, се вели во образложението од Владата.
Од Владата велат дека земјава на овој начин ќе се усогласи со стандардите Базел 3, кои се воведоа по банкарската криза во Европа. Објаснуваат дека со законот ќе зајакне корпоративното управување, а ќе се воведат и заштитни слоеви на капиталот на банките, и тоа за негово зачувување, противцикличен заштитен слој, заштитен слој за системски важни банки, и слој за системски ризик.
Со измените ќе се засилат и корективните мерки што може да ги преземе Народна банка на Македонија.
Банките ќе бидат обврзани да го известат супервизорот доколку добијат информација дека акционерот повеќе не ги исполнува пропишаните стандарди за соодветност на акционер, што вклучува и податоци за соодветноста на неговиот краен сопственик.
Во одредени случаи централната банка ќе издава согласности за тоа дали одделни позиции смеат или не да се вклучат како сопствени средства на банката. Банката ќе биде должна да одржува соодветна стапка на редовен основен капитал од 4,5 отсто, и основен капитал од 6 проценти.
„Се воведуваат и заштитни слоеви на капитал, со кои треба да се зајакне капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и да се апсорбираат загубите што можат да настанат во деловното работење. Истовремено, ќе се подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе се овозможи нивна подобра супервизија, со што ќе зголеми заштитата на депонентите“, велат од Владата која е предлагач на законот.
Ќе се додаде и нова точка чија цел ќе биде зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, со што ќе се овозможи НБМ да пропише методологија за управување со ризикот на задолженост. Надзорниот одбор во банките ќе треба да одобрува трансакции со поврзани лица со банката, и тоа во износ од над 6.000.000 денари, односно 97.560 евра.
Се зајакнуваат и критериумите што треба да ги исполнуваат лицата со посебни права и одговорности, вклучувајќи ги и членовите на надзорниот и управниот одбор на банките. Секое непочитување на овие правила може да е основ за одземање на согласноста или за неиздавање согласност во случај на повторно именување на некое лице за член на НО или УО на банка.
Се зголемува и одговорноста за работењето на сите лица со посебни права и одговорности на банката. Тие ќе мора да работат единствено во корист на интересите на банката и на нејзините депоненти, и да постапуваат со внимание на уреден и совесен трговец.
Членовите на надзорниот одбор треба да имаат соодветни знаења и искуство за извршување на своите надлежности, да избегнуваат судир на интереси и да можат да посветат доволно време за извршување на обврските што произлегуваат од надлежностите.
Исто така, се предлага супервизорот да презема редовни мерки, покрај другото, и доколку е тоа потребно заради одржување на сигурноста и стабилноста на банката или на банкарскиот систем. Тоа треба да важи не само во случаите кога има непочитување на прописите, туку и кога се утврдени неправилности во работењето.
Од случаите кога се преземаат дополнителни мерки, тие треба да се поригорозни од редовните, и да се преземат кога постојат сериозни незаконитости и неправилности. Со законските измени се овозможува и преземање мерка од гувернерот кога ќе утврди дека промените во структурата на групата на која и' припаѓа банката можат да имаат негативни влијанија врз нејзиното работење.