Сиромаштијата се намалува и статистиката од година во година регистрира се' пониски стапки. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, ДЗС, во 2013 година стапката на сиромашни изнесуваше 24,2 отсто, во 2014 беше измерена сиромаштија од 22,1 отсто додека минатата година сме ја завршиле со стапка од 21,5 отсто. Или, дека секој петти Македонец живее во сиромаштија. Статистиката посочува и дека стапката на сиромаштија, пред поделбата на пензии и на социјални трансфери изнесува скоро двојно повеќе, или 40,5 проценти. ДЗС, врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење која се спроведува во согласност со препораките на ЕУ, во 2016 година ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштија за 2015 година. Врз основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход, стои во соопштението на ДЗС.
Сиромаштијата се намалува и статистиката од година во година регистрира се' пониски стапки. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, ДЗС, во 2013 година стапката на сиромашни изнесуваше 24,2 отсто, во 2014 беше измерена сиромаштија од 22,1 отсто додека минатата година сме ја завршиле со стапка од 21,5 отсто. Или, дека секој петти Македонец живее во сиромаштија. Статистиката посочува и дека стапката на сиромаштија, пред поделбата на пензии и на социјални трансфери изнесува скоро двојно повеќе, или 40,5 проценти.
„ДЗС, врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење која се спроведува во согласност со препораките на ЕУ, во 2016 година ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштија за 2015 година. Врз основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход“, стои во соопштението на ДЗС.
Според статистичката табела, бројот на лицата кои живеат под прагот на сиромаштија лани изнесувал 445,2 илјади. Годишниот еквивалентен приход за самечко семејство бил 78.362 илјади денари, а кај четиричлено домаќинство, двајца возрасни и 2 малолетни деца, под 14 години, годишниот еквивалентен приход изнесува 164.560 денари. Или, едно самечко семејство имало на располагање месечно по 6.530 денари, додека семејство од 4 члена по 13.713 денари секој месец.
Според ДЗС, најсиромашни луѓе во државава се невработените, кај кои во 2015 година стапката на сиромаштија изнесувала 39,7 отсто, како и категоријата „други неактивни лица“, каде што стапката била 27,2 проценти. Најмала сиромаштија, пак, била измерена кај пензионерите, само 7,3 отсто.
И покрај тоа што стапките од година во година се се' пониски, Македонија, сепак, е на врвот на скалата на сиромаштија во Европа, и пошироко. Податоците на европската статистика „Евростат“, покажаа дека во Македонија во 2014 година, 43,2 отсто од населението било подложно на ризик од сиромаштија или на социјална исклученост. Со овој процент, нашата држава е на врвот во Европа. Пред нас се Бугарија, со 40,1, Романија со 39,5 и Грција со 36 проценти на сиромашни или социјално исклучени лица. Најмал процент на сиромаштија во 2014 година имала Чешка, 14,8 отсто.
Според последниот редовен годишен извештај на Светска банка од крајот на септември, околу 330 илјади Македонци или приближно една шестина од вкупното население во државава е сиромашно. Мерено според паритетот на куповната моќ, пак, стапката на сиромаштија изнесува 16,4 отсто, или, толкав процент од населението живее со пет долари на ден.
Сиромаштијата притиска во многу држави во светот, иако стапките генерално се намалуваат. Според Светска банка, бројот на луѓето кои живеат во екстремна сиромаштија е намален за повеќе од 100 милиони. Односно, во 2013 година 767 милиони луѓе живееле со помалку од 1,90 долари дневно, што е помалку во однос на 881 милиони луѓе колку што биле во 2012 година. При тоа, најголем раст на приходите и намалување на сиромаштијата било забележано во Азија. Податоците на Светска банка покажуваат дека во светот во 2013 година имало 1,1 милијарда помалку луѓе кои живееле во сиромаштија, во однос на 1990 година, и покрај порастот на населението.