До Советот во првото полугодие од годинава биле доставени 10.362 барања за согласност, што ги чинело институциите 1,2 милиони евра. Ниското ниво на конкуренција, со што се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари, останало обележје на тендерите и во првата половина од оваа година. Советот за јавни набавки, пак, кој беше основан за да ја зголеми конкуренцијата, досега не даде резултати. Ова е дел од констатациите до кои дошол Центарот за граѓански комуникации, кој денеска ги објави наодите од мониторингот на постапките за јавни набавки во земјава, за периодот од првото полугодие од годинава. Во мониторираниот примерок за периодот јануари-јуни 2015 бил вклучен и досега најголемиот тендер спроведен во областа на здравството. Станува збор за тендер за набавка на лекови за потребите на јавните здравствени установи, составен од 606 делови и со проценета вредност од над 3 милијарди денари, односно 51 милион евра, без ДДВ.
До Советот во првото полугодие од годинава биле доставени 10.362 барања за согласност, што ги чинело институциите 1,2 милиони евра
Ниското ниво на конкуренција, со што се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари, останало обележје на тендерите и во првата половина од оваа година. Советот за јавни набавки, пак, кој беше основан за да ја зголеми конкуренцијата, досега не даде резултати. Ова е дел од констатациите до кои дошол Центарот за граѓански комуникации, кој денеска ги објави наодите од мониторингот на постапките за јавни набавки во земјава, за периодот од првото полугодие од годинава.
Во мониторираниот примерок за периодот јануари-јуни 2015 бил вклучен и досега најголемиот тендер спроведен во областа на здравството. Станува збор за тендер за набавка на лекови за потребите на јавните здравствени установи, составен од 606 делови и со проценета вредност од над 3 милијарди денари, односно 51 милион евра, без ДДВ. На овој тендер понуди доставиле 18 фирми. На прв поглед било постигнато посакуваното ниво на конкуренција. Но, 18-те понуди не биле доставени за сите 606 делови, односно за сите лекови. „Деталната анализа на податоците добиени од отворањето на понудите, на кое се присуствуваше во рамките на мониторингот, покажа дека за 248 лекови од вкупно 606 не е доставена ниту една понуда, а за 236 лекови е доставена 1 понуда. Оттука, во овој тендер, конкуренција од 2 или повеќе понудувачи имало само за 123 дела од тендерот, што значи за само 20 отсто од набавката“, се вели во истражувањето.
Годинава значајно пораснал бројот на барања за согласност што институциите ги доставуваат до Советот за јавни набавки. Во првото полугодие се доставени 10.362 барања за согласност, што е речиси двојно повеќе од претходното полугодие, кога впрочем и стапи во сила оваа законска обврска. Најголем дел од барањата за согласност се доставуваат за одобрување на технички спецификации, со кои се опишуваат производите што се предмет на набавката. Во однос на донесените одлуки на Советот, тој за 5.054 барања одлучил позитивно, а за 5.308 барања не е дадена согласност.
Гледано од финансиски аспект, побараните согласности ги чинеле институциите 74,3 милиони денари, односно 1,2 милиони евра, што е исклучително висока сума за финансирање на законски воведена обврска.
Или, вредноста на трошоците платени на Советот за јавни набавки е зголемена за дури 108 отсто.
Институциите кои ги спроведуваат тендерите безуспешно се обидуваат да контактираат со странските фирми и од нив да добијат потврда дека се производители на конкретно опишаните предмети на набавка. Оваа потреба се наметнува оттаму што Законот за јавни набавки бара од институциите низ истражувањето на пазарот да докажат дека предметот на набавката го произведуваат повеќе од три, четири или пет фирми, не само од Македонија, туку и од странство. Странските фирми не одговараат на ваквите барања, најверојатно поради фактот дека ваква практика не постои никаде во светот. Парадоксалноста да се бараат потврди од странски фирми дека се производители на одреден производ се чини најдобро се отсликува во мониторираната набавка на овошје и зеленчук.
„Произлегува дека побараната согласност е само формалност, низ која се непотребно потрошени и време и пари, поради објективното стравување на лицата задолжени за набавката дека доколку не го сторат тоа, можат да добијат казна затвор до 1 година“, се вели во истражувањето.
Мониторингот покажал и дека воведената контрола, сепак, ги дисциплинирала институциите и ги принудила да го намалат користењето на нетранспарентната постапка, со преговарање без претходно објавување оглас. Или, во првото полугодие од 2015 вредноста на овие договори изнесува околу 11,5 милиони евра, што е 61,4 отсто помалку од истиот период лани.