Народна банка на Македонија веќе разгледува одредени мерки кои би можеле да го поттикнат штедењето на граѓаните во банките, откако тоа покажа забавување во последниов период, пред се' поради одолжувањето на политичката криза во земјава. Какви ќе бидат мерките и кога конкретно би можела да стартува нивната примена, централната банка вели дека ќе се дефинира во наредниот период. Ова го потврди гувернерот на НБМ, Димитар Богов, кој потсетува дека централната банка неодамна веќе донесе една мерка во насока на поттикнување на штедењето. Првата мерка беше донесена во септември, кога задолжителната резерва за денарските депозити над една година се намали на нула. Со тоа се намали трошокот на банките за тој тип депозити. Очекуваме таа заштеда банките да ја пренесат на штедачите преку нудење повисока камата за тој вид депозити. Народна банка разгледува и дополнителни мерки, но видот и тајмингот ќе се дефинира во наредниот период, вели гувернерот Богов.
Народна банка на Македонија веќе разгледува одредени мерки кои би можеле да го поттикнат штедењето на граѓаните во банките, откако тоа покажа забавување во последниов период, пред се' поради одолжувањето на политичката криза во земјава. Какви ќе бидат мерките и кога конкретно би можела да стартува нивната примена, централната банка вели дека ќе се дефинира во наредниот период.
Ова за „Утрински весник“ вчера го потврди гувернерот на НБМ, Димитар Богов, кој потсетува дека централната банка неодамна веќе донесе една мерка во насока на поттикнување на штедењето.
„Првата мерка беше донесена во септември, кога задолжителната резерва за денарските депозити над една година се намали на нула. Со тоа се намали трошокот на банките за тој тип депозити. Очекуваме таа заштеда банките да ја пренесат на штедачите преку нудење повисока камата за тој вид депозити. Народна банка разгледува и дополнителни мерки, но видот и тајмингот ќе се дефинира во наредниот период“, вели гувернерот Богов.
Според него, причините за забавување на порастот на штедењето на граѓаните се, пред се', неизвесноста креирана од домашните политички случувања, како и грчката должничка криза.
И банкарите во земјава се свесни дека треба да се размислува во насока на поттикнување на штедењето, особено по мерката на Народна банка на Македонија.
„Веројатно, идната промена што би ја презела нашата банка ќе биде во насока на поголема разлика меѓу каматните стапки на долгорочните депозити, над една година во денари, и краткорочните депозити“, вели Антонио Аргир, член на Управен одбор на НЛБ Тутунска банка.
Според него, во банката се разгледува и можноста за воведување фиксна каматна стапка за одредени продукти, односно подолгорочни штедни влогови. Тоа значи дека каматната стапка на тие продукти која ќе се утврди како фиксна, не би се менувала, односно не би одела ни нагоре ни надолу, во зависност од промените во каматната политика на банката.
„Оваа можност е во фаза на разгледување и би можела да се воведе до крајот на оваа година“, вели Аргир.
Инаку, заштедите на домаќинствата во земјава во последниве неколку години постојано растеа со многу солидна динамика, и буквално немаше месец, а тие да не покажат помало или поголемо месечно зголемување. Тоа се случуваше и во време на светската економска криза во 2009 година, како и во периодот на европската должничка криза во 2012 година. Односно, додека траеја и двата овие ризични „пикови“, штедните влогови во домашните банки не само што не се намалуваа, туку и постојано се зголемуваа, со различна динамика. Ова се случуваше и покрај тоа што во последниве неколку години постојано се случуваше тренд на намалување на каматните стапки на депозитите, иако тие сега, во споредба со пред неколку години, се многу, многу пониски.
Но, од друга страна, пак, не може да се забележи дека во овој период многу се зголемени инвестициите во некои други облици на вложување, што значи дека благото намалување на штедењето во последниов период не се должи на префрлање на средствата во други форми на инвестирање.
Намалувањето на штедните влогови на домаќинствата за прв пат се почувствува во мај, кога тие за еден месец се намалија за близу 22 милиони евра во однос на април, а во јуни следуваше нов месечен пад за над 13 милиони евра. Или, само за два месеци штедните влогови на домаќинствата се „стопија“ за околу 35 милиони евра, што веќе го поттикна размислувањето кај финансискиот свет во земјава кои се причините за ова прво вакво надолно придвижување на граѓанските депозити.
Јули донесе оптимизам и штедните граѓански влогови во тој месец се зголемија за 17 милиони евра, но веднаш во наредниот месец, во август, тие депозити се намалија за истата сума. Најновите податоци на централната банка за септември годинава покажуваат дека во тој месец навистина е регистрирано позначајно заздравување, за 24 милиони евра. Но, и покрај тоа што нивото на штедните влогови на граѓаните на крајот на септември оваа година е зголемено во однос на август, тоа е, сепак, пониско од сумата што граѓанските заштеди ја имаа во април, последниот месец пред да почне намалувањето. Односно, ако во април годинава сумата на влогови на домаќинствата изнесувала 3,379 милијарди евра, на крајот на септември таа е 3,370 милијарди, односно во септември во однос на април имаме намалување за нешто повеќе од 9 милиони евра.