Младите од Источна Македонија не ја избираат само Италија за да ги остварат своите стремежи и потреби за егзистенција. Добар дел од нив за своја крајна дестинација го одбираат регионалниот центар Штип. Како што велат дел од нив, Штип нудел многу повеќе шанси за работа од Делчево, Берово, Пехчево, Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип... Шансата да се работи во поголемиот град каде се поголеми и можностите да се добие квалитетно работно место ја користат и младите со високо образование, но и лица без какви било квалификации. Десетици автобуси на штипски конфекции и на „Актива“ секој работен ден носат млади луѓе од истокот кон Штип на нивните работни места. Проценките варираат помеѓу 1.000 и 1.500 „надворешни“ работници, кои среќата си ја нашле во Штип. Штипска „Актива“, која е на четврто место помеѓу најбрзо растечките фирми во државата, со отворањето на новата фабрика „Актива автомотив“ стана мошне привлечна за млади образовани луѓе, но и за заварувачи, лимари, бравари...
Младите од Источна Македонија не ја избираат само Италија за да ги остварат своите стремежи и потреби за егзистенција. Добар дел од нив за своја крајна дестинација го одбираат регионалниот центар Штип. Како што велат дел од нив, Штип нудел многу повеќе шанси за работа од Делчево, Берово, Пехчево, Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип... Шансата да се работи во поголемиот град каде се поголеми и можностите да се добие квалитетно работно место ја користат и младите со високо образование, но и лица без какви било квалификации.
Десетици автобуси на штипски конфекции и на „Актива“ секој работен ден носат млади луѓе од истокот кон Штип на нивните работни места. Проценките варираат помеѓу 1.000 и 1.500 „надворешни“ работници, кои среќата си ја нашле во Штип. Штипска „Актива“, која е на четврто место помеѓу најбрзо растечките фирми во државата, со отворањето на новата фабрика „Актива автомотив“ стана мошне привлечна за млади образовани луѓе, но и за заварувачи, лимари, бравари...
„Од вкупно 297 вработени, дури 155 се од други места. Се покажа дека градот нема доволно кадар за професиите кои нам ни се потребни, па на отворените конкурси се јавија многу млади од соседните општини, но и од Скопје, Прилеп, Велес. Ние сме исклучително задоволни од квалитетот и нивната посветеност на работата, а се надевам дека и се задоволни што се дел од ’Актива‘ “, вели Иле Николов, генерален директор на оваа компанија.
Во новата фабрика „Актива автомотив“, која прилега на аптека, иако тука работат и заварувачи, група млади, образовани луѓе се темелот на производството.
„Кога завршив факултет во Штип, за мене немаше работа во мојата Македонска Каменица, а преку мој другар кој веќе работеше во ’Актива‘ ми беше сугерирано да си ја пробам среќата. Дојдов тука, имав коректен разговор и по нецела недела ми кажаа дека сум примен на работа. Пред неполни два месеца се преселив во Штип, работам во логистиката на производството и презадоволен сум од се'“, вели Мики Ивановски. Идентична е приказната и на Сања Арсова. „Во родниот Пробиштип нема шанса за работа за дипломиран економист. Пред да го дадам последниот испит на Економски факултет дознав дека ’Актива‘ прифаќала млади образовани луѓе. Дојдов во фирмата, ми рекоа да дипломирам и да им се јавам. Во јануари годинава дипломирав, а веќе во февруари добив работа која покрај се' е и добро платена“, вели Сања.
„Актива“ ургентно ги остварила надежите и на дипломираниот машински инженер Давор Чучуковски од Делчево како и на Дејан Петров, дипломиран електроинженер од кочанското село Спанчево.
„Овде сум 15 месеци, слушнав за овој колектив, а добриот глас далеку се слуша. Сега сум раководител на погон за производство на модули за автобуски шасии. Презадоволен сум што ми се оствари сонот да работам во татковината, а не во странство“, вели Чучуковски.
Неговиот колега, машинскиот инженер Дејан Петров до пред 18 месеци работел во Кочани, во „Тинг инокс“. „Овде дојдов поради подобрите услови, можностите да напредувам, поголемата плата и почитта која ја имам од раководството. Штип, а не некоја туѓа земја го исполни моите очекувања“, вели Петров.
Меѓу оние кои го избрале Штип за да го исполнат својот сон е и машинскиот инженер Јордан Мирчевски, кој ја напуштил работата во прилепски „Микросам“, па со сопругата која си нашла работа во „Џонсон контролс“ станале нови жители на Штип. „Овде е се' супер. Раководството на компанијата има визија, а тоа значи дека и ние имаме иднина. Добро е што Штип е отворен град“, вели Мирчевски.
Од Кочани кон Штип се возиме со автобус на штипската конфекција „Мавис“. Во него четириесетина, главно млади жени, патуваат на работа во штипските конфекции.
„Работев во конфекција во едно кочанско село, платата беше мала, условите тешки па кога пријателката ми рече дека во Штип е се' подобро, заминав на работа во овој град. Така сум 18 месеци и не се каам, заработувам 50 отсто поголема плата, условите за работа се многу подобри и јас сум задоволна“, ни рече Даринка.
И 19-годишната Мирјана од селото Чифлик кај Кочани го избрала Штип за своја работна дестинација. „Побарав работа во една од штипските конфекции и веднаш бев примена, па, иако за конфекциите се говори главно лошо, јас можам да кажам дека со плата од 13.500 денари сум задоволна, бидејќи во мојот крај таа е за 4.000 - 5.000 денари помала. Малку е тешко патувањето, но ова не се некои далечини, 40 километри во двете насоки не е нешто многу. Се надевам дека еден ден сигурно ќе станам и жителка на Штип, кој дава најголеми можности во регионот“, вели оваа млада работничка.
Стојче Самарџиев, економски аналитичар вели дека тоа што се' поголем број млади луѓе го избираат Штип за работа не треба да е изненадување. „Штип уште од времето на поранешната држава важеше за еден од индустриски поразвиените градови, така е и сега, тука луѓето од регионот полесно се вработуваат, платите се поголеми, условите за работа подобри. Отворањето на Универзитетот обезбедува факултетски образовани кадри за кои локалното стопанство има потреба, поради што истокот се' повеќе работно се ’лепи‘ за Штип. Треба да се очекува овој тренд да продолжи и во иднина“, вели Самарџиев.