Ако се направи анализа за тоа што, всушност, се променило во текстилната индустрија која во нашата држава во моментов ангажира 37.841 вработен, ќе се дојде до заклучок дека позитивните промени не одат со очекуваното и посакувано темпо. Нашите текстилни фирми не промениле ништо во својата филозофија, па и понатаму се насочени кон лон-производството во кое од странскиот партнер добиваат се', од шаблони до копчиња. Лон-извозот во вкупниот извоз на текстилното производство учествува со 93 проценти, а тоа значи дека ние, всушност, на европскиот пазар продаваме само евтина работна сила и енергија. Иако се организирани поголем број дебати кои требаше да резултираат со домашно производство по принципот „од памук до облека“, таквите идеи се покажаа како чиста утопија.
Ако се направи анализа за тоа што, всушност, се променило во текстилната индустрија која во нашата држава во моментов ангажира 37.841 вработен, ќе се дојде до заклучок дека позитивните промени не одат со очекуваното и посакувано темпо.
Нашите текстилни фирми не промениле ништо во својата филозофија, па и понатаму се насочени кон лон-производството во кое од странскиот партнер добиваат се', од шаблони до копчиња. Лон-извозот во вкупниот извоз на текстилното производство учествува со 93 проценти, а тоа значи дека ние, всушност, на европскиот пазар продаваме само евтина работна сила и енергија.
Иако се организирани поголем број дебати кои требаше да резултираат со домашно производство по принципот „од памук до облека“, таквите идеи се покажаа како чиста утопија. И по една деценија, од домашно бренд производство кое остварува повисоки профити од лонот, нема ништо.
Пред десет години просечната плата во текстилната индустрија во Штип, градот кој живее од текстилот, изнесувала 153 евра, денес таа, според економскиот аналитичар Стојче Самарџиев, не е поголема од 180 евра, што значи дека за една деценија е зголемена за помалку од 30 евра.
Неодамна, во изјава за „Утрински весник“, Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија и конфекција при Стопанската комора, рече дека просечната плата во оваа индустрија за минатата година била 230 евра.
Тој како голем проблем на домашните компании го истакна фактот дека странските фирми кои работат во ТИРЗ-зоните се нелојална конкуренција на домашните бидејќи земаат обучени работници на кои им даваат нешто поголеми плати зашто не плаќаат даноци и придонеси.
„Оваа преселба на работници од домашни во странски фирми воопшто не е наивна работа. Прво не станува збор за нови вработувања туку за преземање на веќе остручени работници, при што губиме ние кои во нив сме вложувале, но губи и државата. Деновиве од мојата фирма двајца вработени заминаа во ’Техникал текстил‘, тука имаа по 200 евра плата, таму им ветиле по 50 евра повеќе“, вели сопственик на конфекција во Штип.
Од друга страна, според неговата математика, ако во Штип, во ТИРЗ-зоната има околу 2.000 вработени во две странски текстилни фирми, тоа значи дека државата месечно губи по 200.000 евра на име на придонеси од плати. На годишно ниво, тоа е сума од близу 2,5 милиони евра, за десет години тоа се респектабилни 25 милиони евра. И тоа само од Штип.
„Димитров е во право кога бара, ако веќе државата кон странските фирми применува таков вид протекционизам кој е на штета на домашните компании, барем да ги обврзе работна рака да бараат преку Агенцијата за вработување од списокот на невработените, а не да зема квалификувани работници кои станале тоа благодарение на вложувањата на домашните текстилни компании“, вели овој стопанственик.
Пред десет години панично беше најавуван стравот од кинескиот евтин текстил. Домашните производители го потенцираа тој детаљ како голема опасност за домашното производство. Но, набргу приказната се сврти во друга насока.
Пред десетина години, кога на сцена беше стравот од кинескиот текстил, од Текстилната асоцијација при Стопанската комора на Македонија изјавија дека македонските текстилци имаат многу повеќе работа од претходните години, што се должи на поскапувањето на работната сила во Бугарија, со нејзиниот влез во ЕУ.
„За нашата земја се' уште важи епитетот на брза, ефикасна и евтина испорака, што е примамливо за странските партнери“, изјавија тогаш од оваа асоцијација.
Слични изјави од сопствениците на текстилни капацитети стигнуваат и денес. Сепак, малку кој го анализира фактот што во последните неколку години бројот на вработените во оваа индустрија се намалил за близу 7.000 лица, како што беше спомнато на последната седница на Текстилниот кластер одржана во Штип. Економскиот аналитичар Самарџиев е со оценка дека оваа состојба допрва ќе се заострува и дека на таквиот момент подеднакво влијаат економските, но и политичките причини.
„Ги слушам младите како секојдневно изразуваат сомнеж во некоја подобра своја иднина во Македонија. Економски развиените европски држави ги привлекуваат нашите млади луѓе не само со факултетско образование туку и како квалификувана работна сила. Економскиот елемент е содржан во фактот дека со 200 евра плата не може да се живее, па се' поголем станува бројот на работници кои ја напуштаат работата во нашите главно текстилни фирми, зашто за три месеци земјоделски или градежни работи во странство заработуваат колку за цела година дома. Лично ценам дека само поради овие факти Македонија, во последните осум години, во текстилната индустрија загуби еден Штип, град на текстилот во кој околу 8.000 лица работат во оваа индустрија“, вели Самарџиев.