Близу 24 милиони евра странски инвестиции се одлеале од земјава во ноември минатата година, покажуваат најновите податоци што вчера ги објави Народна банка на Македонија. Бројките уште и говорат дека најголемите одлевања настанале преку должнички инструменти, каде што влегуваат заемите кои меѓу себе си ги одобруваат и повлекуваат странските компании-мајки со своите фирми- ќерки овде во Македонија. Овој минус следува откако еден месец претходно, во октомври, во Македонија дојде солидна сума странски инвестиции, од 53 милиони евра. Инаку, во 11 месеци од минатата година во земјава вкупно се регистрирани странски инвестиции од околу 142 милиони евра. Тоа е за 32 милиони евра помалку од истиот период во претходната, 2014 година, кога кај нас биле вложени вкупно 174 милиони евра. Односно, во периодот од јануари заклучно со ноември лани имаме намалување на СДИ за 18,5 отсто.
Близу 24 милиони евра странски инвестиции се одлеале од земјава во ноември минатата година, покажуваат најновите податоци што вчера ги објави Народна банка на Македонија.
Бројките уште и говорат дека најголемите одлевања настанале преку должнички инструменти, каде што влегуваат заемите кои меѓу себе си ги одобруваат и повлекуваат странските компании-мајки со своите фирми- ќерки овде во Македонија.
Овој минус следува откако еден месец претходно, во октомври, во Македонија дојде солидна сума странски инвестиции, од 53 милиони евра.
Инаку, во 11 месеци од минатата година во земјава вкупно се регистрирани странски инвестиции од околу 142 милиони евра. Тоа е за 32 милиони евра помалку од истиот период во претходната, 2014 година, кога кај нас биле вложени вкупно 174 милиони евра. Односно, во периодот од јануари заклучно со ноември лани имаме намалување на СДИ за 18,5 отсто.
По основ на сопственички капитал и реинвестирање на добивката, што всушност се смета за чиста, реална инвестиција, лани имало одлевање за околу 56 милиони евра. Додека, пак, по основ на должнички инструменти, во земјава влегле 198 милиони евра, што го дава крајниот резултат од вкупно 142 милиони евра СДИ во 11 месеци од минатата година.
Гледано по месеци, минатата година почнала со 33 милиони евра СДИ во јануари, по што во февруари дошле само 12 милиони евра, а во март 17 милиони. Околу 34 милиони евра влегле во април, а во мај се одлеале околу 8 милиони евра. Во јуни земјава станала домаќин на инвестиции од 17 милиони евра, а во јули 21 милион, по што следува август со 8 милиони евра. Септември бил неповолен, со повлечени 21 милиони евра, во октомври имало солиден инвестициски скор од 53 милиони, и на крај доаѓа ноември, со уште едно одлевање од 24 милиони евра.
Инаку, кога станува збор за влезот на СДИ по години, рекордер била 2007, со 506 милиони евра, а солидна била и 2008, со 400 милиони евра СДИ. Во годината на кризата, 2009, има огромен пад на инвестициите, и тие изнесувале само 145 милиони евра, а исклучително слаба била и 2010, со 161 милион евра.
Во 2011 има вкупен инвестициски скор од 344 милиони евра, а 2012 повторно е слаба, со 111 милиони. Во 2013 година влегле СДИ од 252 милиони евра, а 2014 завршила со инвестиции од 205 милиони евра. Засега е тешко да се очекува дека 2015 ќе заврши со сличен резултат како оној од 2014 година.
Инаку, од Владата речиси постојано, па дури и секојдневно, најавуваат влез на нови странски инвестиции, особено во слободните зони, во кои на странските инвеститори им се овозможени серија бенефиции. За овие странски инвеститори е факт дека овозможуваат нови вработувања, но тие се критикуваат дека даваат многу ниски плати. Само во изминативе неколку дена беа најавени две големи инвестиции.
Едната е на американската „Џонсон контролс“, која треба да инвестира 20 милиони долари во ТИРЗ Струмица. Инвестицијата треба да донесе 1.500 нови работни места, а производството да започне во март следната година. Пред неколку дена, пак, беше најавено дека белгиската компанија „Ван Хол“ ќе инвестира уште 15 милиони евра во постојниот свој капацитет во ТИРЗ Скопје 1 во наредните четири години, и најави отворање на дополнителни 400 работни места. Изградбата на објектот треба да почне следниот месец.
Или, како што неодамна рече вицепремиерот Владимир Пешевски, во изминатите шеесетина дена биле објавени десетина нови инвестиции со износ од околу 120 милиони евра и 3.500 вработувања. Но, наспроти најавите, податоците на НБМ покажуваат многу послаби инвестициски резултати. Како една од причините за потфрлањето се смета и политичката криза во земјава.
Регионот стои многу подобро од Македонија. Според податоците, во десетте месеци лани во Црна Гора странците вложиле 450 милиони долари, во Косово 343 милиони долари, во Албанија 1,2 милијарди долари, во Србија влегле речиси 2 милијарди долари, а во Босна и Херцеговина 315 милиони долари.