Странските инвеститори изгледа дека најмногу ги интересира македонското рударство. Повеќе од половината од странските директни инвестиции што влегле во земјава во првиот квартал од годинава се, всушност, вложувања во рудниците во земјава, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат на поединечните дејности каде што влегува странскиот капитал. Од вкупно инвестирани 69 милиони евра во земјава во првиот квартал, дури 39 милиони евра биле вложени во рударството, зборуваат бројките на централната банка. Поради политичката криза во земјава, во првите три месеци од годинава имаше послаб интерес кај инвеститорите за влез во државава, што и ги намали странските вложувања во однос на истиот период од минатата година.
Странските инвеститори изгледа дека најмногу ги интересира македонското рударство. Повеќе од половината од странските директни инвестиции што влегле во земјава во првиот квартал од годинава се, всушност, вложувања во рудниците во земјава, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат на поединечните дејности каде што влегува странскиот капитал. Од вкупно инвестирани 69 милиони евра во земјава во првиот квартал, дури 39 милиони евра биле вложени во рударството, зборуваат бројките на централната банка.
Поради политичката криза во земјава, во првите три месеци од годинава имаше послаб интерес кај инвеститорите за влез во државава, што и ги намали странските вложувања во однос на истиот период од минатата година. Сепак, странските компании што решиле и покрај оваа неизвесност да донесат овде дел од својот капитал, преферирале тоа да го направат во рударската област.
Втората дејност што изгледала привлечно за странските вложувачи е индустријата, со инвестирани околу 24 милиони евра во неа. Од оваа сума, пак, половината, односно вложени 12 милиони евра отпаѓаат на производството на моторни возила, приколки и полуприколки, а околу 6 милиони евра биле инвестирани во производството на прехранбени производи. Безмалку 3 милиони евра донеле вложувањата во текстилната дејност, а само 1,5 милиони евра биле инвестирани во производството на метали и машински производи.
Услужната дејност била привлечна за странците во неа да вложат околу 15 милиони евра, а околу 8 милиони евра инвестиции донела трговијата на големо и мало. Додека, пак, во информациите и комуникациите во првиот квартал од годинава компаниите од странство вложиле свој капитал од околу 7 милиони евра. Во областа на финансиите и осигурувањето во првото тримесечје не дошло ни едно евро странски инвестиции.
Но, дел од инвеститорите во многу значајни области си ги повлекле своите пари во своите матични држави. Забележливо одлевање на капиталот во странство има од дејноста електрична енергија, гас и пареа, кое изнесува 15 милиони евра. Странските инвеститори во првиот квартал од годинава повлекле средства и од областа на градежништвото, околу 3 милиони евра.
Инаку, ако се набљудуваат влезот и одлевањето на странскиот капитал по држави, во првиот квартал од годинава најголемо повлекување имало од Австрија, од близу 15 милиони евра. Од Лихтенштајн биле повлечени 3,9 милиони евра, додека, пак, инвеститорите од Хрватска во својата земја „вратиле“ 3,2 милиони евра.
Според податоците на централната банка, вкупно во првиот квартал од годинава во земјава влегле странски директни инвестиции со сума од 69,14 милиони евра. Од нив, најголемиот прилив се должи на инвестиции од Сент Винсент и Гренадини, од каде што дошле вложувања од 35,5 милиони евра. Втор најзначаен инвеститор во земјава во првото тримесечје била Швајцарија, со вложени 11 милиони евра, а веднаш зад неа е Германија, со инвестирани близу 10 милиони евра. Следуваат словенечките инвеститори со 5,5 милиони евра, приближно колку и компаниите од Обединетото Кралство, кои инвестирале 5,4 милиони евра.