Стартува жежок јули и нов ценовен бран за енергенсите. По минатонеделното поскапување на цената на природниот гас, од денеска поскапува и цената на струјата, бензините, мазутот... но и цигарите. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера одлучи од први јули годинава, па во следниот едногодишен период, граѓаните да плаќаат повисока цена на електричната енергија за 3,47 %.Од овој колач 1,52% ќе одат за ЕЛЕМ, 0,66 за МЕПСО и 1,29% за ЕВН-Македонија. Така, граѓаните кои имаат еднотарифно броило киловат-час електрична енергија ќе ги чини 4,48 денари, а кај двотарифните броила скапата струја ќе се наплатува по 5,59 денари за киловат-час, а евтината 2,8 денари. Регулаторите годинава во пресметката имаат новини, таа е направена со примена на новите тарифни системи.
Стартува жежок јули и нов ценовен бран за енергенсите. По минатонеделното поскапување на цената на природниот гас, од денеска поскапува и цената на струјата, бензините, мазутот... но и цигарите.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера одлучи од први јули годинава, па во следниот едногодишен период, граѓаните да плаќаат повисока цена на електричната енергија за 3,47 %.Од овој колач 1,52% ќе одат за ЕЛЕМ, 0,66 за МЕПСО и 1,29% за ЕВН-Македонија. Така, граѓаните кои имаат еднотарифно броило киловат-час електрична енергија ќе ги чини 4,48 денари, а кај двотарифните броила скапата струја ќе се наплатува по 5,59 денари за киловат-час, а евтината 2,8 денари. Регулаторите годинава во пресметката имаат новини, таа е направена со примена на новите тарифни системи. Како што информираше вчера Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, ова е крајната цена за потрошувачите и веќе нема да се фактурира 33% ангажираната моќност, оти според новите правила на пресметка тарифата е вградена внатре.
- Тоа значи дека граѓаните што ќе ги добијат фактурите нема да имаат издвоено дополнително за моќност од 33% - нагласи Петров и додаде дека ако сметката им била 2.000 денари сега таа ќе биде коригирана за 3,47%.
Тој истовремено информираше дека трите енергетски компании не се задоволни од оваа корекција на цената и бараат повисока цена. Според него во цената се вклучени и проекциите за либерализацијата која за граѓаните стартува од јануари 2015 година, производната тарифа, преносот на струја и дистрибутивната тарифа, како и снабдувањето за тарифните потрошувачи, но и увозот на струја.
- Сите компании имаа поднесено барања за повисока цена на струјата. МЕПСО има други проценки за откупот на енергија од обновливи извори, ЕВН реагира заради очекуваните ризици за наредната година и фактот оти не се знае колку потрошувачи ќе имаат на пазарот. Ние сметаме дека направивме добри проценки и дека идната година нема да има големи промени на цените на електричната енергија - вели Петров и додава дека токму тоа е нивната грижа да нема големи скокови кај цената на струјата.
Петров информираше дека за јавните претпријатија се продолжува рокот до први септември за потпишување на договори и избор на компанија снабдувач на електрична енергија. Од 25 компании уште 9 од нив се уште го немаат направено изборот.
Прашан од новинар, тој одговори дека ќе конкурира и за втор мандат како претседател на РКЕ, оти според законот има право на реизбор. Конкурсот е во тек, а неговиот мандат истекол на 15 јуни годинава.
Што се однесува за висината на платите на вработените во РКЕ, Петров нагласи дека тие се јавни и се објавени во нивниот финансиски извештај.
- Тие се формирани уште од основањето на Комисијата и се израмнети со секторот енергетика, односно со истите работни места во енергетските компании - дообјасни Петров.
Поскапеа и бензините и гасот, цигарите...
Малопродажната цена на бензините и дизелот од денеска е повисока за два денари.
Според Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 83 денари за литар, на Еуросупер БС-98 ќе биде 84,50 денари и на Еуродизелот 70 денари за литар.
Нова цена повисока за 1,5 денари за литар доби и малопродажната цена на Екстралесно масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое сега чини 58,50 денари. Се зголемува и цената на мазутот и таа од денеска е 42,18 денари.
Како што појаснија од РКЕ корекцијата на цената се должи на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар која изминативе две недели изнесуваше 113,5 долари за барел, а курсот на денарот во однос на доларот изнесуваше 45,46 денари.
Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија деновиве одобри и зголемување на цената на природниот гас за месец јуни за 3,58%. Со тоа цена на гасот изнесува 29,8166 денари за нормални метри кубни гас (ден/нм3), а претходниот месец таа изнесуваше 28,7854 ден/нм3.
Од први јули годинава и љубителите на тутунот ќе плаќаат повисока цена за цигарите. Тие или ќе се откажат од пушење или ќе го одврзат кесето, оти од денес почнува постапката на зголемување на акцизата за цигари за 0,15 односно 0,20 денари годишно до 2023 година. Проценките велат дека цигарите што сега се продаваат по 50 денари, за десет години би требало да чинат 90 денари. (В.Ма.)
Марлборо и Бренд поскапи за 5 денари
Тутунски комбинат од Прилеп веќе ги утврди новите цени на цигарите. Сите брендови на компанијата поскапуваат за пет денари, освен Рондо кој поскапува за три.
Тоа значи дека Бренд отсега наместо за 50 ќе се продава за 55 денари, а за исто толку ќе поскапат и Сан Слимс, Еуропа, 19, Филтер Ориентал и Та2. За 5 денари поскапува и Марлборо, објави економски.ком
Од менаџментот на ТК-Прилеп велат дека со зголемувањето на акцизата од 0,15% по цигара невозможно е да апсорбираат трошоците кои заедно со останатите давачки се зголемуваат за околу 50%.
Останатите компании денес не откриваат дали и за колку ќе ги поскапат цигарите, но неофицијално велат дека обично се следи ценовната политика на лидерот на пазарот.