Владата да ја разгледа можноста за подобро насочување на земјоделските субвенции. Ова е една од препораките што ги наведува Светска банка во најновиот преглед на јавните расходи во Македонија, објавен неодамна. Во извештајот се осврнуваат и на препораки за патната инфраструктура, како и на состојбите во образованието и во здравството. Македонија спроведува великодушна програма на субвенции во земјоделството, која сочинува 90 отсто од буџетот за земјоделството. Субвенциите по хектар се над просекот во ЕУ. Владата дополнително го зголеми земјоделскиот буџет од 130 милиони евра во 2013 година, на 150 милиони евра во 2015. Од таму велат дека целта на програмата во земјоделството е да се зголеми конкурентноста.
Владата да ја разгледа можноста за подобро насочување на земјоделските субвенции. Ова е една од препораките што ги наведува Светска банка во најновиот преглед на јавните расходи во Македонија, објавен неодамна.
Во извештајот се осврнуваат и на препораки за патната инфраструктура, како и на состојбите во образованието и во здравството.
„Македонија спроведува великодушна програма на субвенции во земјоделството, која сочинува 90 отсто од буџетот за земјоделството. Субвенциите по хектар се над просекот во ЕУ. Владата дополнително го зголеми земјоделскиот буџет од 130 милиони евра во 2013 година, на 150 милиони евра во 2015“, наведува СБ во извештајот.
Од таму велат дека целта на програмата во земјоделството е да се зголеми конкурентноста. „Но, сепак, најголем дел од финансирањето оди за поддршка на приходите, а само мал дел се инвестира. Големите земјоделски стопанства се' уште добиваат непропорционално висок дел од субвенциите. Во одредени потсектори, како тутунот, субвенциите покриваат значаен дел од трошоците за производство, што ја нарушува мотивираноста за инвестирање. И, релативно мал дел од субвенциите поддржуваат производи со висок удел во извозот“, се вели во извештајот.
Во исто време, нивото на јавните финансии за развој на наводнувањето и водната инфраструктура е занемарливо. „За да се зголеми ефикасноста на трошењето субвенции, се препорачува намалување на севкупното ниво на субвенции, насочување на поголем дел од субвенциите во насока на јавни стоки кои ја зголемуваат продуктивноста, како и подобрување на насочувањето на субвенциите за поддршка на земјоделците кои навистина имаат потреба од таква поддршка“, се вели во извештајот.
СБ се осврнува и на патната мрежа, при што констатира дека одржувањето на објектите и инфраструктурата со години е недоволно обезбедено, што
доведува до големо заостанување. Од банката препорачуваат Владата да ја заврши конечната процена на состојбата на патната мрежа, да развие стратегија за соодветно финансирање на одржувањето на долг рок, да го надмине тековното заостанување во одржувањето, да го подобри издвојувањето средства за одржување и да ја разгледа можноста за приватизирање на одржувањето на патиштата.
Според извештајот, резултатите во образованието се влошени и покрај зголемените расходи. Во 2013, расходите на Македонија за образование од 4,1 проценти од БДП беа највисоки во регионот, но показателите на успешноста во образованието беа под регионалниот просек.
„Квалитетот на основното и средното образование не е значајно подобрен... Запишувањето во високото образование брзо се зголемува во изминатите неколку години, но ефикасноста и натаму е на ниско ниво“, се вели во извештајот. Анкетата на работодавците, спроведена од СБ во 2010, покажала дека работодавците и натаму се соочуваат со тешкотии при ангажирањето на работници кои ги поседуваат бараните вештини. Според извештајот, високото образование би можело да се подобри преку координација на наставните програми со потребите на компаниите.
Расходите за социјална помош во Македонија се ниски и расцепкани, смета СБ. „Владата потроши само 1,2 проценти од БДП на социјални надоместоци во 2014, што е значително под европските просеци“, се вели во извештајот.
Нивото на трошење во здравството е соодветно, но здравството трпи поради акумулирањето на заостанати обврски и други видови неефикасност. Македонија оствари значаен напредок во реформирање на финансирањето и организацијата на здравството. Го воспостави Фондот за здравствено осигурување како единствен плаќач на здравствени услуги, ја реформираше организацијата и финансирањето на примарната здравствена заштита, и оствари значителни заштеди на трошоците за лекови и медицински помагала. Сепак, дадените услуги и натаму ги надминуваат износите договорени со ФЗО во некои болници, што доведе до дефицити и заостанати обврски од околу 0,6 проценти од БДП на крајот на 2014, велат од СБ.
„Потенцијалните заштеди од подобрите набавки на лекови можат најефикасно да се искористат доколку се пренасочат во примарната здравствена заштита и превенцијата. Освен тоа, болничките реформи во насока на соодветно димензионирање и зајакнување на автономијата и отчетноста на болниците би можеле да доведат до намалување на неефикасноста во давањето болнички услуги“, препорачуваат светските банкари.