Во мај годинава во земјава влегле странски инвестиции од 46,2 милиони евра, објави Народна банка на Македонија на својата веб-страница. Поголем дел од овие инвестиции, односно 30,6 милиони евра, се сопственички капитал и реинвестирање на добивката и се сметаат за „чисти“ инвестиции, додека, пак, на должнички инструменти отпаѓаат 15,6 милиони евра, што се всушност позајмици што меѓу себе си ги одобруваат или враќаат странските компании со нивните фирми-ќерки во државава.
Во мај годинава во земјава влегле странски инвестиции од 46,2 милиони евра, објави Народна банка на Македонија на својата веб-страница.
Поголем дел од овие инвестиции, односно 30,6 милиони евра, се сопственички капитал и реинвестирање на добивката и се сметаат за „чисти“ инвестиции, додека, пак, на должнички инструменти отпаѓаат 15,6 милиони евра, што се всушност позајмици што меѓу себе си ги одобруваат или враќаат странските компании со нивните фирми-ќерки во државава.
Податокот за инвестирани 46 милиони евра од странство во март покажува дека на средината на годинава се случува благо подобрување на инвестициската слика на земјава, откако таа почна исклучително слабо на инвестициски план.
Односно, како што говорат бројките на НБМ, во јануари сме имале влез од само околу 500 илјади евра странски директни вложувања, но во февруари странците инвестирале околу 35 милиони евра.
Во март влегле околу 28 милиони евра СДИ, а во април околу 33 милиони евра. Петтиот месец, пак, мај, со вложен странски капитал од 46,2 милиони евра, е најдобар досега од почетокот на оваа година.
Или, во првите пет месеци од годинава, вкупното ниво на странски инвестиции во земјава изнесува 141,4 милиони евра. Тоа е за околу 50 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, или порастот изнесува околу 54 отсто.
Со ваквиот најнов развој на настаните, оваа година се наметнува како подобра во однос на ланската во поглед на инвестициите, иако во првите неколку месеци беше значително послаба.
Но, треба да се причека да се види како ќе се реализираат странските инвестиции во наредните месеци, со оглед на тоа што и покрај новиот политички договор, не се смета дека е надмината политичката криза во земјава.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своите посети на регионите во земјава, постојано го истакнува ефектот од отворените странски фабрики врз намалување на невработеноста во тие подрачја.
Постојните странски инвеститори придонесуваат за развој на економијата и за раст на извозот од земјава. Но, се' уште се актуелни дебатите за главно ниските плати за вработените, особено во оние капацитети што се лоцирани во слободните зони.
Истражувањето на младите аналитичари, ЗМАИ, неодамна покажа дека домашните компании имаат поголем ефект врз економскиот раст отколку странските. Според нив, за шест години речиси двојно се зголемени трошоците за привлекување СДИ.
Инаку, лани во земјава влегле 157 милиони евра СДИ, откако во 2014 била инвестирана сума од 205 милиони евра, а во 2013 СДИ биле уште повисоки и изнесувале 252 милиони евра. Рекордна била 2007, со 506 милиони евра, а солидна била и 2008, со 400 милиони евра.