Ефикаснaта контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови за сигурноста на градбите и за одржлив раст на домашната градежна индустрија, порачаа денеска учесниците на конференцијата „Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“, што се одржа во Скопје. Министерот за економија Беким Незири истакна дека градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата и посочи дека со новиот закон за градежни производи што го подготви Министерството за економија ќе се овозможи натамошен развој на оваа гранка.
Ефикаснaта контрола на квалитетот на градежните материјали кои се нудат на пазарот е еден од најзначајните предуслови за сигурноста на градбите и за одржлив раст на домашната градежна индустрија, порачаа денеска учесниците на конференцијата „Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“, што се одржа во Скопје.
Министерот за економија Беким Незири истакна дека градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата и посочи дека со новиот закон за градежни производи што го подготви Министерството за економија ќе се овозможи натамошен развој на оваа гранка.
Законот, појасни Незири, е усогласен со новите регулативи во законодавството на ЕУ и ќе придонесе во поедноставување на административните постапки, скратување на времето потребно за добивање на именување на телата и е во функција на зголемена ефикасност за контрола и сузбивање на сите технички и трговски бариери во оваа област.
„Сите овие аспекти, верувам дека ќе придонесат за понатамошен раст и развој на градежната индустрија“, рече министерот Незири на конференцијата што ја организацираше Цементарница УСЈЕ.
Претставници на институции, стручни и научни организации и тела од областа на градежништвото, како и градежни компании на конференцијата презентираа податоци и стручни анализи според кои градежните материјали кои се произведуваат во Македонија се со висок квалитет.
„Во Македонија се донесени сите стандарди за квалитет за индустријата за градежни материјали и тие се дел од законската регулатива на земјата која во голем дел е усогласена со законодавството на ЕУ“, рече Тони Арангелески, професор на Градежниот факултет и член на ТК 25 во Институтот за стандардизација.
Главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ, Борис Хрисафов, истакна дека во континуитет вложуваат обемни средства, знаење и иновации за обезбедување висок квалитет на своите производи.
„Тоа е нашата клучна стратешка определба за која имаме целокупна поддршка од нашата групација ТИТАН, преку која ни се на располагање искуствата и најновите светски индустриски трендови“, изјави Хрисафов.
Инаку, домашната индустрија за градежни материјали учествува со 0,6 отсто во вкупниот бруто домашен производ, а во вкупното индустриско производство со 7,5 отсто и бележи континуиран пораст, пред се поради зголемениот обем на градежни работи.
Во оваа индустрија се активни околу 180 фирми кои обезбедуваат егзистенција за 3.600 семејства. Потенцијалот за понатамошен раст на оваа индустриска гранка е голем, што се гледа и од просечната стапка на раст од 6 отсто на годишно ниво остварена во последните три години.