Седумдесет отсто од добивката која ја оствари НЛБ Тутунска банка минатата година, или 9,4 милиони евра ќе се исплати како дивиденда за акционерите, што претставува 11 евра по акција. Ова е една од одлуките што ги усвоија акционерите на банката на Собранието што се одржа вчера, при што исто така беше донесена одлука и за преименување на банката во НЛБ банка АД Скопје, која, како што стои во образложението, е во насока на унифицирање и регионално јакнење на брендот НЛБ и се однесува на сите членки на Групацијата НЛБ во регионот.
Седумдесет отсто од добивката која ја оствари НЛБ Тутунска банка минатата година, или 9,4 милиони евра ќе се исплати како дивиденда за акционерите, што претставува 11 евра по акција.
Ова е една од одлуките што ги усвоија акционерите на банката на Собранието што се одржа вчера, при што исто така беше донесена одлука и за преименување на банката во НЛБ банка АД Скопје, која, како што стои во образложението, е во насока на унифицирање и регионално јакнење на брендот НЛБ и се однесува на сите членки на Групацијата НЛБ во регионот.
Инаку, останатите 30 отсто или 4,1 милиони евра од добивката ќе се задржат за инвестиции во основни средства, што ќе овозможи понатамошен развој и проширување на традиционалните и електронските продажни канали, раст на кредитните активности, висока ликвидност и висока адекватност на капиталот.
„Заокружувајќи 30 години од основањето, НЛБ Тутунска банка во 2015 година ги исполни и ги надмина планираните цели во делот на остварената добивка, вкупната профитабилност, трошочната ефикасност и солвентноста, традиционално завршувајќи ја годината како една од најпрофитабилните и најстабилните банки во Македонија“, се вели во соопштението од акционерското Собрание.
Банката лани оствари нето-добивка во износ од 13,5 милиони евра што претставува пораст од 23,7 отсто во однос на претходната година и поврат на капиталот од 14,7 отсто.
Вкупната актива на Банката достигна 1.126,8 милиони евра, додека учеството на нефункционалните пласмани на крајот на годината се намали на 7 отсто.
Депозитите од населението се зголемени за 7 отсто, а од компаниите за 11 отсто. Кредитните активности се зголемија за 12,9 отсто при што бруто- кредитите се зголемија за 15,6 отсто кај населението и 9,8 отсто кај претпријатијата.
Како признание за успешните резултати банката по осми пат беше прогласена за најдобра банка во Македонија од страна на угледниот магазин „Банкер“.
Во наредниот период банката ќе се фокусира на сегментите микро, мали и средни претпријатија и населението, а интензивно ќе работи на дигитализација на процесите и на развој на иновативни продукти и понуда на небанкарски услуги.