Големите профити на домашните банки, кои минатата година вкупно го достигнале нивото од 75,4 милиони евра, повторно во домашната јавност го отворија прашањето зошто банките не ја делат судбината на другиот дел од бизнис-секторот во земјава, како и на граѓаните чиј животен стандард не оди по нагорна линија. Банките се постојано профитабилни и од година во година нивните добивки постојано растат, без разлика на кризите со кои се соочува економијата на земјава, независно дали тие се должат на надворешните, или домашните фактори. Минатата година, на пример, банкарскиот сектор на земјава остварил вкупни добивки од 75,4 милиони евра, што е пораст за повеќе од 47 отсто во споредба со претходната година.
Големите профити на домашните банки, кои минатата година вкупно го достигнале нивото од 75,4 милиони евра, повторно во домашната јавност го отворија прашањето зошто банките не ја делат судбината на другиот дел од бизнис-секторот во земјава, како и на граѓаните чиј животен стандард не оди по нагорна линија.
Банките се постојано профитабилни и од година во година нивните добивки постојано растат, без разлика на кризите со кои се соочува економијата на земјава, независно дали тие се должат на надворешните, или домашните фактори.
Минатата година, на пример, банкарскиот сектор на земјава остварил вкупни добивки од 75,4 милиони евра, што е пораст за повеќе од 47 отсто во споредба со претходната година. А како што е познато, лани помина во знакот на политичката криза во земјава, која се рефлектираше сериозно негативно врз другите компании, кои се жалеа на проблеми, неликвидност, откажани зделки и одложени инвестиции.
Бизнисмените коментираат дека не е фер што банкарите секогаш располагаат со големи профити, наспроти стопанството кое постојано се соочува со проблеми во работењето.
Банкарите сметаат дека е нормално тие да работат за добивки, како и дека за целата економија е добро кога банките работат профитабилно.
„Главната причина за големите профити на банките е големата разлика меѓу активните и пасивните каматни стапки на банките. Односно, тие даваат многу пониски камати на депозитите што ги чуваат кај нив, за разлика од каматите на кредитите што ги одобруваат и на тој начин ги остваруваат највисоките приходи. Ако ги погледнеме билансите на нашите банки, ќе видиме дека кај нив најголемите трошоци настануваат поради резервациите на ризичните пласмани. Кога банките би ги немале тие високи трошоци за резервациите, тогаш би остварувале уште повисоки профити, кои, пак, не одговараат на степенот на развој на целокупното стопанство во земјата“, вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на работодавци во земјава.
Според овој бизнисмен, оправдувањето на банкарите за високите камати се големите ризици. „Тие секогаш ќе ви кажат дека каматите на кредитите мора да бидат високи, бидејќи имаат големи ризици во работењето. А, според мене, високите камати на кредитите се една од најголемите слабости во македонската економија. Нашите каматни стапки се многу повисоки од просечните камати во земјите членки на Европската Унија. Мислам дека во овој момент кај нас тоа е недостижна цел“, вели Димитров.
Тој додава дека ако во земјава просечните каматни стапки на кредитите се меѓу 6 и 7 отсто, тие во земјите од ЕУ се многу пониски, меѓу 1 и 2 проценти. Високите камати на кредитите, според Димитров, влијаат врз храброста за нови инвестиции, односно вложувања на бизнисот. Затоа излегува дека поради ризичните пласмани, сите бизнисмени плаќаат повисоки каматни стапки.
„Секако дека за бизнисот не е фер таа состојба, банките да имаат толку висока профитабилност, а стопанството да се соочува со проблеми. Но, од друга страна, и ние бизнисмените сме свесни дека некои од нас земаат кредити, а потоа средствата ги користат неправилно и се случува да не можат да ги вратат кредитите, што ги зголемува ризиците за банките. А тие тоа всушност го користат како оправдување за високите камати на кредитите. И тие во тој дел имаат право, бидејќи и банките мора да се заштитат, зашто трошоците за ризичните пласмани можат да ги покријат само преку повисоки камати“, објаснува Димитров.
Според овој бизнисмен, на банките им е многу полесно да бидат успешни, за разлика од реалниот сектор, каде што успехот зависи од многу нешта, како што се состојбите на пазарот, на светските берзи, од трошоците на енергијата, како што се цените на нафтата, на струјата и слично.
Според податоците на НБМ, и минатата година најголемиот дел од своите добивки банките им „ги должат“ на нето-приходите од камати. Односно, лани нашите банки оствариле нето-приходи од камати од 233,37 милиони евра, што е пораст во однос на претходната 2014.
Инаку, неколку банки досега ги објавија своите биланси на успех, од кои се гледаат финансиските резултати за лани. Во петокот одличен профит објави Стопанска банка Скопје, и тоа 31,2 милиони евра, што е пораст од 26,7 отсто во однос на 2014, која заврши со добивка од 24,6 милиони евра.
Неодамна и Комерцијална банка го објави годишниот извештај. Банката лани остварила добивка од 8,538 милиони евра, што е близу шест пати повеќе отколку во 2014. Од Комерцијална ни изјавија дека оваа добивка, иако е успех, сепак е под оптималниот капацитет на банката.
„Комерцијална банка ја заврши 2015 година со добивка од 525,1 милион денари, што претставува значајно поголема добивка во однос на 2014 година. Оваа добивка, иако претставува успех за банката, е под оптималниот капацитет на банката, која во текот на минатите години, а и во изминатата 2015 година, реализираше исправки на вредност на кредитното портфолио на стопанството. Комерцијална банка, со над 80 отсто од кредитното портфолио во стопанството, и понатаму останува ориентирана кон кредитирањето на стопанството“, ни изјавија од Комерцијална банка.
Неодамна солиден профит за минатата година објави и Охридска банка, од 6,5 милиони евра, што е раст за 72 отсто во однос на претходната година.
Деновиве, до 15 март, се очекуваат и финансиските извештаи на другите банки во земјава.