Македонските граѓани потрошиле значително повеќе средства за купување онлaјн од странски трговци отколку од домашни трговци, покажува анализата што ја изработи Нина Ангеловска, основач на сервисот за групно купување „Групер.мк“. Тоа е и логично ако се земе предвид дека понудата од домашните онлајн-трговци е се' уште мала и уште повеќе ако се земе предвид глобализацијата и можноста за купување од странски трговци каде што понудата е многу конкурентна. Во периодот јануари-септември годинава од вкупно 63 милиони евра вредност на трансакции направени со картички издадени од домашни банки, 72,7 отсто е со домашни картички кон странски трговци или 45,8 милиони евра, додека 18,9 милиони евра биле потрошени за купувања направени кај домашните онлајн-трговци. Во истиот период, 8 отсто просечно месечно од вкупната вредност на трансакции остварена на домашните трговци преку виртуелен постерминал (онлајн) е направена како резултат на купувања од нерезиденти или вкупно 1,4 милиони евра, се вели во анализата.
Македонските граѓани потрошиле значително повеќе средства за купување онлaјн од странски трговци отколку од домашни трговци, покажува анализата што ја изработи Нина Ангеловска, основач на сервисот за групно купување „Групер.мк“. Тоа е и логично ако се земе предвид дека понудата од домашните онлајн-трговци е се' уште мала и уште повеќе ако се земе предвид глобализацијата и можноста за купување од странски трговци каде што понудата е многу конкурентна.
Во периодот јануари-септември годинава од вкупно 63 милиони евра вредност на трансакции направени со картички издадени од домашни банки, 72,7 отсто е со домашни картички кон странски трговци или 45,8 милиони евра, додека 18,9 милиони евра биле потрошени за купувања направени кај домашните онлајн-трговци. Во истиот период, 8 отсто просечно месечно од вкупната вредност на трансакции остварена на домашните трговци преку виртуелен постерминал (онлајн) е направена како резултат на купувања од нерезиденти или вкупно 1,4 милиони евра, се вели во анализата.
Инаку, според податоците од НБМ, заклучно со септември годинава остварената вредност на трансакции преку персонален компјутер е за 32 отсто поголема од остварената во истиот период минатата година. Притоа значителен пораст од над 50 отсто се забележува во јануари, и во летните месеци: јуни, јули и август.
Анализата покажува и дека правните лица повеќе купуваат од домашни трговци. Според тоа дали се работи за трансакции од физички или правни лица доминираат физичките лица и во двата случаи (кон домашни и кон странски трговци) со учество од 76 отсто во странските плаќања и 82 отсто учество на физичките лица во трансакциите кон домашни трговци.
„Кога зборуваме за трансакции направени од домашни картички кон домашни трговци разликата помеѓу физичките и правните лица не е драстично различна како што е случај со направените трансакции кон странски трговци, односно правните лица учествувале само со околу 6,5 отсто просечно месечно во првите 9 месеци од 2016 година во вкупно направените трансакции кон странски трговци“, наведува Ангеловска. Во однос на бројот на направени трансакции, домашните трговци учествуваат со 45 отсто, додека 55 отсто се трансакции кон странски онлајн-продавници.
Просечно една трансакција од домашни картички изнесувала околу 1.650 денари. Кон странските трговци просечната трансакција вредела 2.190 денари, додека кон домашните само околу 980 денари, се вели во анализата.
Се зголемува и можноста за онлај-купување - во јануари оваа година имало 585 интернет-продажни места, додека во септември оваа бројка пораснала на 669 онлајн-продавници. „Сепак, прашањето дали сите овие трговци се активни или пак се работи за вкупна бројка на регистрирани виртуелни продажни места останува отворено“, вели Ангеловска во анализата.
Според неа, пазарот на е-трговија во Македонија бележи континуиран подем и раст особено од 2011 година. Значаен удел во развојот на е-трговијата имаа сајтовите за групно купување, а особено „Групер“ (Grouper) кој започна со работа во јануари 2011 година, а денес брои над 130.000 корисници.
Најголема стапка на годишен раст во остварената вредност на трансакциите преку персонален компјутер се забележува во 2014 година споредено со 2013, над 350 отсто, што според Ангеловска не е реален пораст, односно во голема мера се должи на кампањите за стимулирање на онлајн-плаќање на сметки за телефон, вода, струја и др. Во 2015 година, споредено со 2014 забележан е пораст од 61 отсто.
Врз развојот на е-трговијата влијаат повеќе фактори како наклонетост на населението кон готовински плаќања, политичките и економските фактори, брзината на адаптирање и прифаќање на нови технологии и трендови, компјутерска писменост на населението и др. Еден од предусловите за е-трговијата е интернет-пенетрацијата. Според Државниот завод за статистика во првото тримесечје од 2016 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 72 отсто, а 61 отсто го користеле секој ден или речиси секој ден. Сепак само 19,3 отсто од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, додека две третини од интернет-корисниците во ЕУ купуваат онлајн (Eurostat, 2016). „Сметам дека имаме уште долг пат за да се приближиме кон развиените земји, како од аспект на страната на е-трговците, засегнатите институции и банките така и од аспект на крајните корисници“, вели Ангеловска во анализата.