Неделните откупни цени на земјоделските производи, што ги најави Министерството за земјоделство, а кои деновиве треба да влезат во собраниска процедура преку измена на Законот за земјоделство и рурален развој, за земјоделците се решение за хаосот кој владее во откупот. Но, за откупувачите, пак, тоа е обид на власта со непазарни и неекономски решенија да им помогне на земјоделците. Воведувањето неделни откупни цени ресорното Министерство го најави по протестите на струмичките земјоделци, кои својот револт од ниските и променливи откупни цени на доматите го искажаа низ улиците на Струмица со своите трактори.
Неделните откупни цени на земјоделските производи, што ги најави Министерството за земјоделство, а кои деновиве треба да влезат во собраниска процедура преку измена на Законот за земјоделство и рурален развој, за земјоделците се решение за хаосот кој владее во откупот.
Но, за откупувачите, пак, тоа е обид на власта со непазарни и неекономски решенија да им помогне на земјоделците.
Воведувањето неделни откупни цени ресорното Министерство го најави по протестите на струмичките земјоделци, кои својот револт од ниските и променливи откупни цени на доматите го искажаа низ улиците на Струмица со своите трактори. Земјоделците сметаат дека со законско решение за објавување на неделните откупни цени кои би важеле седум дена, ќе им се оневозможи на откупувачите да манипулираат со цените.
„Трговците повеќе нема да имаат можност наутро, кога ја подигнуваме амбалажата да ни кажат една откупна цена, а потоа, кога ќе го донесеме произведеното да ни го откупуваат по многу пониска цена. Кога цените ќе важат една недела, тогаш ќе знаеме дека за овој период одредена земјоделска култура се откупува по утврдената цена, а не по цени кои ќе се менуваат од час во час. Покрај тоа, во Министерството ќе има соодветен софтвер на кој ќе бидат регистрирани откупувачите и ќе се знае како тече откупот“, вели Ванчо Митев, од Земјоделското здружение „Екоградинар“ од село Добрејци.
Ристо Велков од Сојуз на синдикат на земјоделски производители смета дека ваквата мерка нема да им помогне на земјоделците, бидејќи таа е селективна.
„На последната средба со директорот на Инспекторатот за земјоделство, што се одржа во село Василево, не беа поканети сите претставници на земјоделците, туку тоа беше направено селективно, односно беа поканети здруженија кои се блиски до власта. Така не може да се решаваат проблемите во земјоделството, бидејќи додека се донесат измените во Законот за неделен откуп на земјоделските производи, ќе заврши откупот на пролетните градинарски култури, а откупните цени и така секојдневно се менуваат во зависност од понудата и побарувачката, па се случуваше, на пример, доматите да имаат еден ден откупна цена од 15 денари, а веднаш потоа од 25 и 30 денари“, рече Велков.
За откупувачите и трговците предложеното решение е неодржливо и се базира на непазарни неекономски принципи.
„Ние треба да бидеме пророци за да знаеме дали цената која ќе важи една недела ќе биде исплатлива за нас. Откупните цени ги диктираат понудата и побарувачката и ништо друго. Колку е поголема побарувачката, толку цената е повисока и обратно. Да, ние имаме неделни откупни цени со големите откупувачи, како што се на пример големите маркети во странство, но малкумина знаат дека ние тогаш се коцкаме самите со себе, бидејќи немаме гаранции дека договорената цена нема да биде пониска од таа што во моментот ќе важи на пазарот“, вели откупувачот Благој Витанов.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека измените во Законот за земјоделство и рурален развој поминале на седница на Влада и сега треба да влезат во собраниска процедура. Според Соња Трајковска, портпарол на Министерството, досегашното законско решение предвидуваше еднодневно објавување на откупните цени, а сега тие ќе важат една недела.
„Во процедура се измените на Законот и ние се надеваме дека пратениците ќе ги усвојат за многу кратко време. Од нив ќе имаат бенефит сите земјоделци, бидејќи тие ќе важат за сите земјоделски култури, а не само за ранорадинарските. Со тоа земјоделците ќе знаат дека договорената цена ќе се почитува и нема никој да манипулира“, ни изјави Трајковска.
Инаку, во Струмичкиот регион годишно се произведуваат над 250 милиони килограми најразлични раноградинарски производи и скоро секоја сезона проблемите со откупот, повеќе или помалку, се главна тема и камен на сопнување меѓу земјоделците, откупувачите и власта.