Околу еден милион евра субвенции за 2015 година во следните два дена ќе легнат на сметките на земјоделците. По неколкумесечен прекин на исплатите поради парламентарните избори минатата година во декември, како и поради кадровските смени во Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, конечно, пред два дена, процесот се помрдна од мртва точка. Според новиот директор на Платежната агенција Игор Златков, прво ќе се исплатат производителите на кои им се должи за 2015 година. Златков вели дека се работи за случаи каде што имало приговори, поради кои исплатата била првично пролонгирана, па се одолжила и поради изборите. Веднаш по нив, земјоделците ќе добијат и околу 90 милиони евра за 2106 година.
Околу еден милион евра субвенции за 2015 година во следните два дена ќе легнат на сметките на земјоделците. По неколкумесечен прекин на исплатите поради парламентарните избори минатата година во декември, како и поради кадровските смени во Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, конечно, пред два дена, процесот се помрдна од мртва точка.
Според новиот директор на Платежната агенција Игор Златков, прво ќе се исплатат производителите на кои им се должи за 2015 година. Златков вели дека се работи за случаи каде што имало приговори, поради кои исплатата била првично пролонгирана, па се одолжила и поради изборите. Веднаш по нив, земјоделците ќе добијат и околу 90 милиони евра за 2106 година.
Лани, до октомври биле исплатени само мал дел од субвенциите на 2016 година и тоа на дел од лозарите и оризопроизводителите. Рокот за исплата на оваа финансиска помош е 30 јуни годинава и според Златков ќе се исплаќаат во неколку фази.
„Потпишани се еден дел од налозите за исплата и предадени во трезорот на Министерството за финансии. Во зависност од динамиката на работа на трезорот, за ден или два ќе се префрлат на сметките на земјоделците“, вели Златков. Тој нагласува дека ланските субвенции први ќе ги добијат полјоделците, млекарите и тутунопроизводителите.
„Задоволни сме што конечно ќе почне исплатата, земјоделците беа исцрпени финансиски, со оглед на тоа дека во изминатите месеци имаа многу трошоци, а не ги добија планираните средства. Сега ќе биде многу полесно. Полјоделците имаат многу активности, орање, купување семиња и ѓубре, лозарите ги кројат лозјата, фармерите имаа тешка зима во која мораа дополнително да купуваат храна за животните, така што субвенциите се навистина добредојдени“, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Производителите, според податоците од Агенцијата за 2016 година треба да добијат 90 милиони евра, а за годинава ќе им бидат исплатени над 99 милиони евра. Исплатата на субвенциите запре пред неколку месеци, пред парламентарните избори и требаше да продолжи со формирањето на новата влада. За да може исплатата законски да продолжи интервенираше Министерството за земјоделство, кое бараше мислење од антикорупциската комисија. Комисијата даде позитивно мислење за исплата на субвенциите, но постапката повторно се комплицираше по кадровските смени во Платежната агенција. Поранешната директорка Билјана Вуковиќ замина од позицијата, а на нејзино место беше назначен Влатко Стојкоски од кабинетот на државниот секретар во Министерството за одбрана. Тој на оваа позиција остана само пет дена и си замина, а на негово место дојде актуелниот директор Игор Златков, кој дотогаш беше прв човек на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Златков во меѓувреме мораше да обезбеди сертификат за познавање англиски јазик, за да може да го депонира потписот во Централниот регистар и да ги потпише налозите за исплата на субвенциите.