Наскоро недвижностите во државата ќе бидат претставувани во три димензии. Од Агенцијата за катастар на недвижности информираат дека за околу три години ќе биде воспоставен 3Д-катастар за станбените згради и за парцелите. За воведувањето и одржувањето на тридимензионалниот катастар ќе се користат искуства од холандскиот катастар преку ТАИЕЏ програмата на Европската комисија. „Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз недвижностите што ќе создаде поедноставна слика на тоа кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина“, рече вчера на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
Наскоро недвижностите во државата ќе бидат претставувани во три димензии. Од Агенцијата за катастар на недвижности информираат дека за околу три години ќе биде воспоставен 3Д-катастар за станбените згради и за парцелите. За воведувањето и одржувањето на тридимензионалниот катастар ќе се користат искуства од холандскиот катастар преку ТАИЕЏ програмата на Европската комисија.
„Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз недвижностите што ќе создаде поедноставна слика на тоа кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина“, рече вчера на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
Прв чекор кон 3Д-катастарот годинава ќе бидат воведување на висината при премерот на објектите, геореференцирање на етажните скици, како и електронско издавање податоци за нив. Целиот процес треба да овозможи воведување нови просторно дефинирани единици, како што се 3Д-парцела, волумен на кат и стан, да се олесни процесот на идентификација на дел од зграда и да се подобри визуализацијата на регистрираните недвижности. За активностите ќе биде потребна промена на законската рамка, со што ќе се овозможи воведување 3Д-парцела и волумен наместо квадратен метар.
Според имплементаторот на експертската мисија, Клас ван дер Хок од холандскиот Катастар, Агенцијата за катастар на недвижности е на вистински пат да воспостави 3Д- катастар за три години. „Во однос на 3Д веќе имате многу податоци, но само како дводимензионални парцели, или како 2Д-модел и атрибути. Предизвикот е реалниот свет да се направи видлив и да се визуализира во системот. Се надевам дека холандскиот Катастар ќе може да ви помогне да го направите вистинскиот чекор“, рече Хок.
Воспоставувањето 3Д-катастар претставува тренд на истражување во современите и развиените земји од Европа и во светот. Како што рече директорот Трпески, стремежот за воспоставување функционален 3Д-катастар е резултат на високоразвиените пазари на недвижности кои ги менуваат правилата на живеење и потребите од воведување нови пристапи во начинот на регистрација на недвижностите и правата врз нив.