Без реализација на втората и на третата фаза, регионалниот хидросистем „Злетовица“ нема да биде исплатлив. И големите можности на вештачката акумулација „Кнежево“, со сите придружни објекти, нема да можат да помогнат во економскиот развој и во подобрување на социјалниот живот на над 100.000 жители во шест општини во источниот регион. На тој начин, акумулативната моќ од 22,5 милиони кубни метри вода, заедно со проточните води низводно од браната, нема да можат да бидат ставени во вистинска развојна функција на општините Пробиштип, Карбинци, Штип, Свети Николе, Кратово и Лозово. Само со реализација на двете наредни фази, ХС ’Злетовица‘ ќе биде во состојба самостојно да го финансира своето работење и навремено да ги финансира своите обврски за наводнување на 4.500 хектари обработливи ниви и за производство на електрична енергија. Токму поради тоа, сите наши напори се насочени кон почеток на реализација на двете нови фази, бидејќи првата која опфаќа водоснабдување на шест општини е завршена, вели Тодорче Николовски, директор на ХС „Злетовица“.
Без реализација на втората и на третата фаза, регионалниот хидросистем „Злетовица“ нема да биде исплатлив. И големите можности на вештачката акумулација „Кнежево“, со сите придружни објекти, нема да можат да помогнат во економскиот развој и во подобрување на социјалниот живот на над 100.000 жители во шест општини во источниот регион. На тој начин, акумулативната моќ од 22,5 милиони кубни метри вода, заедно со проточните води низводно од браната, нема да можат да бидат ставени во вистинска развојна функција на општините Пробиштип, Карбинци, Штип, Свети Николе, Кратово и Лозово.
„Само со реализација на двете наредни фази, ХС ’Злетовица‘ ќе биде во состојба самостојно да го финансира своето работење и навремено да ги финансира своите обврски за наводнување на 4.500 хектари обработливи ниви и за производство на електрична енергија. Токму поради тоа, сите наши напори се насочени кон почеток на реализација на двете нови фази, бидејќи првата која опфаќа водоснабдување на шест општини е завршена“, вели Тодорче Николовски, директор на ХС „Злетовица“.
Во моментов сите очи се насочени кон шведско-бугарскиот конзорциум „Свеко аква хидро“, респектабилна консултантска компанија која ја работи техничката документација за овие две фази.
„За изработка на техничката документација, добивме еден милион евра грант од Европската инвестициска банка. Конзорциумот ’Свеко аква хидро‘ има обврска да ја изработи документацијата до крајот на оваа календарска година и да ја предаде во нашето Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со кое има потпишано договор. Имаме информации дека изработката на овие стратешки документи за двете фази оди добро и дека ќе ги добиеме во планираниот рок“, вели Николовски.
Откако ќе се добие техничката документација, ќе се чека на мислењето на ЕИБ за изнаоѓање кредитори за двете наредни фази. Николовски тврди дека од Европската инвестициска банка начелно добиле позитивно мислење за физибилити-студијата.
Првата фаза финансиски ниту приближно не ги покрива потребите за редовно работење на хидросистемот. Затоа, пак, со втората фаза, со која е предвидено наводнување на 3.500 хектари обработливи ниви во општина Пробиштип и уште 1.000 хектари во општина Кратово, финансиската моќ на „Злетовица“ значително ќе зајакне. Сепак, најголем финансиски бенефит на хидросистемот ќе му носат планираните шест мали хидроцентрали кои ќе произведуваат 50 гигават часови во текот на една календарска година, односно ќе бидат со инсталирана моќност од 10 мегавати.
„Во овој момент водата од ’Злетовица‘ ја пијат граѓаните на општините Свети Николе и Пробиштип. Штип, како најголема општина во регионот која ќе троши половина од вкупните количини вода наменети за водоснабдување на населените места, во последните месеци врши интензивни проби на водата, па очекуваме наскоро и најголемиот корисник да почне да ја користи. Таквата можност носи и финансиски бенефит, бидејќи за 11 денари по кубен метар вода ќе се намалат трошоците за струја кои сега ги има градот, зашто користи вода од бунарски систем, а наспроти тоа, суровата вода која ние ја испорачуваме чини само 4 денари по кубен метар“, вели директорот Николовски.