Европската перспектива на државата и европските вредности како водечки приоритети се препознаени, а признание за тоа е и вклучувањето на земјава во седумгодишната финансиска рамка на Европскиот совет со наслов „Нова генерација ЕУ“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Тоа за нас како држава, додаде таа, значи достапни неповратни средства од речиси три милијарди евра за овој седумгодишен период како средства за третата генерација претпристапна помош ИПА 3.
„Овие средства Република Северна Македонија ги добива како поддршка во грантови и проекти и значајно ќе ги забрзаат економскиот развој и реформскиот капацитет. Тоа значи средства и проекти во областа на транспортот и инфраструктурата, во земјоделството и животната средина, во економскиот развој, во правдата и реформите за владеење на правото и други клучни области, кои заеднички се идентификувани со европските партнери. Проекти што ќе ги реализира новата влада предводна од СДСМ во следниот мандат“, рече Кузеска.
Според неа, овие средства се клучна алатка за поддршка на преговорите на нашата држава во наредниот седумгодишен период, по кој, додаде Кузеска, очекуваме во европскиот буџет да бидеме проектирани веќе како држава членка на Европската Унија.
„Заедно со веќе доделената помош за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, ова е значаен сигнал за нас како држава, која ги почнува преговорите со ЕУ“, изјави портпаролката на СДСМ.