Владата со инјекција од 65 милиони евра на контото на ЕСМ ќе го амортизира ударот од енергетската криза, потврдува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Овие средства се од годинашниот буџет и со нив ќе се обезбедуваат дополнителни количевства на електрична енергија, вклучително и балансна енергија,
-Веќе е прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активноси насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активната можност согласно утврдената кризна состојба, вели Бесими за МИА.
Освен мерката од 1000 денари и намалувањето на ДДВ-то за струјата, Бесими вели дека ќе има дополнителни мерки за социјално ранливите категории.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска обвини дека Македонија е во длабока енергетска криза, дека земјава нема сопствено производство, ископ на јаглен и нема вода во акумулациите, згора на тоа обвинија дека третиот блок на РЕК е надовор од погон.
-Во моментов Блок 3 е надвор од погон. Неговото санирање може да трае и една година. За жал, неработењето, криминалот и нестручноста на СДСМ доведоа до уште една катастрофа во македонскиот гигант, РЕК Битола, кој наместо да биде пример за успешно работење, во моментов едвај се држи на нозе, вели Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме додека надлежните смируваат и не откриваат колку струјата по нова година ќе поскапи, првиот човек на Европската енергетска заедница, Јанез Копач пред неколку дена по состанокот со регулаторите потвдри дека цената на струјата за домаќинствата ќе расте. Копач изјави дека во оваа светска енергетска криза ќе успеат само оние кои имаат домашно производство, што не е случај со Македонија.