Две фотоволтаични централи со моќност од 15 и 16 киловат-часа за производство на зелена електрична енергија од соларните зраци се поставени на две регионални јавни институции – регионалниот пазар во Прилеп и регионалниот Дневен центар за лица со церебрална парализа во Прилеп.
„Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион, финансиски поддржан од страна на Министерство за локална самоуправа во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, на овој начин овозможува произведената зелена енергија да намали најмалку 56.000 килограми годишно испуштање CO2 во атмосферата во Пелагонискиот Регион и намалување на трошоците за електрична енергија на овие две регионални јавни институции“, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Според него, овој проект придонесува кон заштитата на животната средина во Пелагонискиот Регион преку искористување на обновливите извори на енергија.
„Еден од системите на обновливите извори на енергија што воопшто се користи во општеството, а тоа особено се направи во нашиот град, како реакција на Пелагонискиот Плански Регион направивме два проекта, тоа е од минатата година, фотовонтаични системи во градскиот пазар во Прилеп и во Дневниот центар за целебрална парализа. Вакви проекти се од особена важност токму за сите нас во Прилеп“, вели градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски.
Вкупниот буџет за проектот е 3.319.199 денари, од кои Општина Прилеп учествува со 149.707 денари.
„Ова е еден од проектите во Центарот за развој на Пелагонискиот Регион, кои беа за 2019 година, исто така во 2019 имавме одобрени проекти од речиси 40 милиони денари за целиот Пелагониски Регион, во кои беа вклучени сите 9 општини, а за оваа година имаме одобрени проекти од 38 милиони денари за целиот Пелагониски Регион исто така преку оваа програма за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, секако тука пак е вклучен Прилеп со набавка на едно комунално возило за собирање отпад“, додаде директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион, Гого Видимче.