Премиерот Зоран Заев на денешното отворање на новата фабрика за медицински канабис изјави дека со измените на Законот за опојните дроги ќе се отвори вратата за 250 милиони евра производство в година.
„Задоволство ми е да се обратам и да упатам искрени честитки по повод отворањето на новиот производствен капацитет на ‘НЈСК холдинг’, во индустриската зона Чојлија во општина Петровец. Оваа гринфилд-инвестиција на првата македонска компанија од фармацевската индустрија, која е лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели, е изградена по највисоки стандарди“, рече премиерот Зоран Заев.
Тој изјави дека Владата ќе се залага оваа индустриска гранка да се развива во согласност со европските и светските текови.
„Верувам дека парламентот е подготвен за предложените законски измени за кои имаше блокирање во минатиот период. Со измена на Законот за опојните дроги, ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, кои ќе поттикнат нови инвестиции и развој и нови работни места.
Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, в година очекуваме над 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели“, изјави Заев.
Тој верува дека Македонија ќе изгради свој имиџ како исклучително поволна почва и клима за едно вакво производство, кое сè повеќе ќе биде застапено во здравствената и во фармацевтската индустрија.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека ова е едно поле што има многу светла иднина бидејќи, според клиничките студии, помага во многу состојби и дијагнози во сферата на невронауката.
„Во наши услови отвора можност за нови работни места. Нашиот Закон за опојните дроги е веќе во собраниска процедура, ќе претпи измени, со кои дополнително ќе ги стимулираме и инвеститорите и младите луѓе да ја гледаат иднината во нашата земја. На овој начин се отвора место за висококвалификуван кадар“, рече Филипче.
Филипче изјави дека Полска била земјата што го понудила учеството за Македонија да стигне до вакцината против коронавирусот во периодот што следува.
Директорот на „Фармакан интернационал“ и „НЈСК холдинг“, Златко Кескоски, изјави дека компанијата ќе работи по највисоките европски и светски стандарди.
„Ова што денеска го отвораме е еден капацитет, во овој момент најголем во Европа за одгледување медицински канабис според сите стандарди потребни за оваа индустрија. Во време на Ковид-19 и во време на криза во светот во овој период, нашата компанија најде сила да доинвестира и да ги вложи последните средства за изградба на овој капацитет. Нашата компанија во изминатите четири години, вклучувајќи го и овој капацитет, вложи 20 милиони евра во своите капацитети во оваа индустрија за развој и за начин што треба да нè одведе во европските држави и секаде во светот со најквалитетен продукт произведен во нашата држава“, изјави Кескоски.
На настанот присутен беше и полскиот амбасадор во Македонија, Војциех Тицињски.
Тој изјави дека најсилните врски меѓу нациите се економските, а потсети и дека од европските, полските туристи биле најмногубројните што ја посетиле Македонија за време на корона-кризата.
Тој изјави дека оваа полска инвестиција во Македонија претставува нов бизнис-сектор во Европа, кој технолошки е изискателен и сензитивен.