Расте интересот за странски инвестиции во Македонија. Околу 15 големи компании сериозно се заинтересирани да вложат во Македонија во повеќе индустриски области и тоа за автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали... Ова го најави премиерот Никола Груевски во Крушево во своето обраќање по повод празникот Илинден. Тој нагласи дека за него не е проблем да помине стотици илјади километри за да лобира за странски инвестиции, да презентира дека во Македонија се нудат најниски трошоци за водење на бизнис во Европа, но и тоа дека Светска банка за период од 6 години од 94 место ја искачи земјава на 23 место во светот за добрите услови за правење на бизнис.
Расте интересот за странски инвестиции во Македонија.
Околу 15 големи компании сериозно се заинтересирани да вложат во Македонија во повеќе индустриски области и тоа за автомобилските делови, информатичките технологии, земјоделството, преработката на земјоделските производи и храна, електроника, градежни материјали...
Ова го најави премиерот Никола Груевски во Крушево во своето обраќање по повод празникот Илинден. Тој нагласи дека за него не е проблем да помине стотици илјади километри за да лобира за странски инвестиции, да презентира дека во Македонија се нудат најниски трошоци за водење на бизнис во Европа, но и тоа дека Светска банка за период од 6 години од 94 место ја искачи земјава на 23 место во светот за добрите услови за правење на бизнис. Премиерот истовремено ја повика опозицијата наместо да критикува и таа да се вклучи и да придонесе за влез на нови компании во земјава, бидејќи според Груевски вклучувањето на сите институции за привлекување инвестиции е добро организирана акција во едно тешко време на европска должничка криза и намалено ниво на инвестиции.
Груевски најави и нови работни места во странските компании кои веќе подолго време работат во индустриските зони како Џонсон Контрол и Џонсон мети, Кромберт и Шуберт, Технохозе, Кемет Електроникс...
За пет месеци во Македонија странски директни инвестиции влегле 105 милиони евра, што е еднакво на она што беше реализирано во текот на целата мината година. Минатата година во Македонија беа регистрирани СДИ (странски директни инвестиции) во вредност од 104,8 милиони евра, во 2011 година 338 милиони евра, а во годината претходно 160 милиони евра.
Резултатите од странските инвестиции се повеќекратни, а највидливиот придонес од нив се вработувањата, што директно влијаеше на намалување на стапката на невработеност.
- Резултатите од ваквите презентации доаѓаат најрано за година, година и пол, а во многу случаи за две, три, четири и пет години. Уверен сум дека она што сега го правиме ќе даде одреден резултат во наредниот период, а тоа се гледа и од многу компании што дојдоа во овој период во Македонија и направија огромни инвестиции како што се Џонсон мети, кои изградија една фабрика и задоволни од условите веќе градат втора фабрика, Џонсон контрол кој, исто така, гради втора фабрика, потоа Ван хул, Дракслермаер, Кромберт и Шуберт - кажа Груевски.
До крај на годината се очекуваат над 1000 вработувања во индустриската зона Жабени.
Досега околу 750 лица се вработени во фабриката на германскиот гигант од областа на автомобилската индустрија Кромберг и Шуберт" во индустриската зона Жабени".
Како што деновиве изјави Владимир Талески, градоначалникот на Битола до крајот на оваа година ќе бидат вработени околу 1.000 лица, следната година уште 1000, и таа после неа уште 500 само во Кромберг и Шуберт". Тој информира дека веќе имаат издадено пет одобренија за градба на фабрики.
Добрата бизнис-клима овозможи се повеќе германските фирми да сметаат дека им е потребен партнер како Македонија, особено во индустрија за производство на делови за автомобили. Двете најголеми гринфилд инвестиции Кромберг и Шуберт и онаа на Дрекслмајер го скршија мразот и веќе стартуваа со производство.
Министерот за странски инвестиции во македонската Влада, Веле Самак, кој го овозможи влезот на овие две компании, за Дојче веле коментира дека за одржување на тоа темпо и постојан раст на Германија и германските фирми им е потребен партнер како Македонија што обезбедува конкурентност, квалитетно производство и одлична бизнис-клима. Релациите со Германија, според него, можат да бидат позитивни и крајно продуктивни за двете земји.
- Кромберг и Шуберт ја изгради новата фабрика во март 2013 година, а веќе има речиси 700 вработени. Дрекслмајер од ноември веќе произведува во привремените хали и има над 800 вработени. Тие во текот на август ќе се селат во новата хала, која е моментално најголема која се гради во Македонија од над 50.000 квадратни метри и тековно извезуваат делови за Мерцедес. Двете фирми планираат да имаат по 1.000 до 1.500 вработени до крај на годината и полн капацитет од 2.500 и 4.000 соодветно. Како резултат на нивните инвестиции, моментално финализираме планови за еден нивни добавувач кој ќе инвестира за снабдување на овие два капацитети - објаснува Самак за Дојче веле.
Самак потврди, но поради деловни причини засега не открива која е германската компанија која планира да гради погон во Велес.
- Последната германска инвестиција е исто така врвен автомобилски добавувач во мехатрониката и ќе инвестира 35 милиони евра во Велес со погон од 600 лица. Тие наскоро ќе почнат со градба, а со вработување од идната година-вели Самак.
Дека инвестициите течат без застој потврда е Џонсон Контролс кој се подготвува за старт на производството во новата фабрика во технолошко-развојната индустриска зона во Штип. Досега завршена е изградбата на фабриката и во моментов се префрла опремата и машините за производство
Од Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони (ТИРЗ) велат дека официјалниот старт на производството е планиран за овој месец зависно од динамиката на завршување на финалните активности со воспоставување на производните линии во фабриката. Новата фабрика која инвеститорот ја изгради во слободната зона се простира на површина од 12.500 квадратни метри, а се очекува во неа да работат вкупно 1.400 лица. Џонсон Контролс во Македонија е присутен од декември 2007 година кога започна со комерцијално производство во својата фабрика во ТИРЗ Скопје 1 каде произведува компоненти за инструмент-табли за автомобилска индустрија.