Се најавува нова странска инвестиција вредна над 30 милиони евра од глобалниот лидер во автомобилската индустрија, компанијата Гентерм, која ќе овозможи до 300 нови вработувања.
Ова го објави премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека ова е уште еден доказ дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни стратешки технолошки инвестиции.
– Денеска испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата. Ја објавувам новата инвестиција на Гентерм – глобален лидер во автомобилската индустрија кој, покрај веќе постоечката инвестиција во Прилеп, почнува со план за процес на проширување на производството токму овде. Со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочно стратешки технолошки напредни инвестиции, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.
Според него, инвестицијата ќе надмине 30 милиони евра и ќе овозможи до 300 нови работни места. Станува збор за високоинтегрирани системи во автомобилската индустрија, со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство.
Ова, смета премиерот, значително ќе го зголеми извозот, а тоа што станува збор за високо технолошко производство покажува дека сме конкурентни и на тој пазар. Со тоа стануваме регионален хаб на Гентерм за Европа.
– Ова не е само уште една инвестиција, ова е двигател на нашата економија. Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвараат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Резултатите се забележителни и се гледаат, истакна премиерот.
Мицкоски потсети дека минатата година Македонија завршила со рекордно највисоко ниво на директни странски инвестиции од 1,255 милијарди евра, што е најголем прилив на капитал во историјата на земјата. Исто така, нагласи дека во првите месеци од годинава расте индустриското производство, а во мај е забележан историски највисок пораст во последната деценија од 9,4 проценти.