Потпишан договор за државна помош со чешката „Локо транс“

Bez autora
Dec 22 2019

Владата и компанијата „Локо транс“ од Република Чешка го потпишаа договорот за државна помош за инвестицијата во вредност од 15 до 20 милиони евра, во која се планира да се отворат од 250 до 300 нови работни места.

Договорот го потпишаа министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска, и сопственикот и извршен директор на „Локо транс“, Карел Јалови.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека компанијата „Локо транс“ во железничкиот транспорт работи во 1990 година, во машинската индустрија, односно високософистицирана индустрија, која во својата производна програма има производство на железнички вагони и локомотиви. Тој додаде дека оваа компанија има капацитети во повеќе држави, во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија, Србија, Аргентина и ги покриваат пазарите на Европа, на Блискиот Исток, на Азија, на Латинска Америка и на Африка.

„Фабриката што ќе биде изградена во Скопје, ќе биде инвестиција помеѓу 15 и 20 милиони евра. Ќе се произведуваат транспортни шински возила, вагони. Тоа е многу слична фабрика, но многу пософистицирана на она што беше ‘Колска’ во Велес на времето и мислам дека е добро да напоменеме дека и многмина од вработените што ќе имаат желба од ‘Колска’ да работат во новата фабрика и нивниот проблем ќе биде решен на овој начин, сите тие што ќе имаат капацитет и желба да продолжат со работењето во новата компанија ‘Локо транс’, ќе бидат преземени и ќе имаат можност својот работен век да го поминат во оваа компанија бидејќи тоа е компанија што ќе произведува шински возила за целиот свет.

Планирани се 250-300 нови работни места. Фабриката се очекува да биде завршена во периодот од почетокот на градбата за 12-15 месеци и потоа да почне производниот процес. Производниот процес ќе биде комплетен, од почеток од репроматеријали, па сè до готов производ, ќе се одвива во рамките на оваа фабрика“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Сопственикот и извршен директор на „Локо транс“, г. Карел Јалови, посочи дека и покрај тоа што се присутни во Република Северна Македонија повеќе години и имаат основано две фирми во земјата, потпишувањето на договорот за државна помош е првиот конкретен чекор кон реализација на новата инвестиција на чешката компанија.

„Пред една година се сретнавме со вицепремиерот, конкретно кажавме што сакаме да направиме и тоа што беше ветено беше и направено и со тоа денес потпишавме договор кој гарантира изградба на фабрика во Северна Македонија и нашата инвестиција во Северна Македонија. Во денешната политика не е ништо поглобално од железницата што треба да се развива и тоа е гранка што сите земји ги спојува и ние сме задоволни што на денес се споивме со Република Северна Македонија и многу ни помогна вицепремиерот со својот импут“, нагласи Јалови.

Компанијата „Локо транс“ ќе почне со градба на новата фабрика и придружната инфраструктура во првата половина на 2020 година.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik