Промовиран јавниот повик за дигитализација во земјоделството

Bez autora
Mar 16 2021

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров денеска го објавија новиот јавен повик – Предизвик за Дигитализација на земјоделството, наменет за проекти на стартапи од земјоделскиот сектор, со кои на земјоделците ќе им се олесни пристапот до дигиталните технологии и ќе придонесе кон поефикасно и поодржливо земјоделство.

„Во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, во делот за иновациска дејност, секоја година се одвојува 1% од вкупната вредност на Програмата за започнување на бизниси во руралните средини со воведување на иновации во земјоделството. Да ги повикаме сите особено од ИТ секторот да аплицираат за да може да се види практичната примена на новите технологии, па да зборуваме за паметно земјоделство, кое кај нас има пионерски чекори“, изјави Димковски.

Тој додаде дека преку дигитализацијата земјоделското производство ќе се модернизира и ќе се намалат производствените трошоци, а примената на дигиталната технологија, користењето на софтверски решенија за контрола на влага во почвата, температура и влажност на воздухот, светлина и сите други услови потребни за правилен раст на растенијата, значително ќе го олеснат земјоделското производство.

На повикот ќе можат да аплицираат сите напредни стартап компании кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ или услуга, кој ќе придонесе кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор, велат од ова министерство.

За овој проект, обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 денари. За поединечен предлог проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90% од вкупниот буџет, во максимален износ од 1.500.000 денари. Корисникот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на проектот.

Преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, на апликантите и идните корисници ќе бидат обезбедени менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.

Со цел поголема поддршка на стартапите при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот, ФИТР ќе организира инфо-настани, бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници.

Рокот за аплицирање на повикот е до 16.04.2021 година.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik