Висококвалитетните вина на малите винарници се перспективата на македонското лозарство

Bez autora
Dec 19 2022

Сојузот на стопанските комори на Македонија и здружението „Тиквешки семејни винарници“ од Кавадарци потпишаа меморандум за соработка со цел воспоставување меѓусебна тесна координација, планирање и реализација на активности за застапување на интересите на малите винарници, нивно позиционирање на извозните пазари и промоција.

Во име на двете институции меморандумот го потпишаа претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски, и претседателот на здружението „Тиквешки семејни винарници“, Горан Јаковлевски.

Ангелоски истакна дека малите семејни винарници произведуваат вино со врвен квалитет од избрани сорти грозје, што нивниот краен производ го прави уникатен и посебен.

„Поддршката на малите и микрокомпании е важен аспект од работењето на Сојузот бидејќи тие се оние што вработуваат голем број луѓе и ја движат економијата. Малите семејни винарници треба да имаат посебно место на пазарот, кое ќе им дозволи да го истакнат високиот квалитет на производите што ги создаваат. Со овој меморандум ја формализираме нашата заложба да им дадеме целосна и безрезервна поддршка преку нивна застапување, промоција, вмрежување и разни други форми на активности, кои ќе се наметнат како потребни“, изјави Ангелоски.

Меморандумот предвидува соработка за лобирање и застапување на интересите на малите семејни винарници пред сите домашни и меѓународни организации и институции; поддршка во развојот на вина од македонски автохтони сорти и унапредување на извозот на вино во шишиња; заеднички настап на извозните пазари; поддршка во градење препознатливост на вината на малите семејни винарници на регионалните и меѓународните пазари, активности за промоција и развој на вински туризам.

Во рамките на соработката оваа година Сојузот се јавува како поддржувач на настанот „Тиквешки вински салон“, кој ќе се одржи на 17 декември во „Ангро палас“ во Кавадарци. На манифестацијата ќе се претстават 35 мали семејни винарници, над 200 етикети на вино и 5 дестилерии со вињак и ракија.

Во земјата има регистрирано 76 мали семејни винарници, кои годишно произведуваат околу 500 илјади литри вино. Во Здружението „Тиквешки семејни винарници“ иднината на лозарството и винарството ја гледаат во отворање стотици мали винарски визби, но и во развој на винскиот туризам за кој има голем интерес не само кај домашните туку и кај странските гости.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik