Македонски производи ќе се извезуваат во Украина без царина, ова е договорено на третата седница на меѓувладината комисија по договорот на македонската и украинската влада за трговска и економска соработка, со која преседаваа министерот за економија, Крешник Бектеши, и заменик-министерот за економски развој, трговија и земјоделство на Украина, Тарас Качка, во улога на домаќин.
Изразувајќи го задоволството што по 12 години од одржувањето на втората седница на оваа меѓувладина комисија, министерот Бектеши рече:
„Традиционалното пријателство меѓу двете земји претставува предуслов и стабилна основа за соработката да продолжи со позитивен тренд во периодот што претстои во сите области од заеднички интерес, а особено на економски план. Во последните две години, односно пред пандемијата, успеавме за граѓаните на двете земји да им овозможиме безвизен режим за краткорочен престој од 90 дена, директен авиолет Киев – Скопје и обратно, како и збратимување седум општини од Северна Македонија и Украина. Оваа година двете земји во рамките на билатералните односи успеаја да договорат нова либерализација во согласност со договорот за слободна трговија. Се надевам што побргу ќе се потпише таа либерализација бидејќи е значаен поттик за компаниите да може да извезуваат голем број производи кои се домашно производство, без царина или со намалена царина“.
Министерот информира дека Северна Македонија веќе почна промотивна кампања за извозниот потенцијал на македонски производи и дека Украина е голем пазар за македонското вино и земјоделски производи и во таа насока предложи за можност за промоција, учество на саеми и бизнис-форуми.