Европската комисија (EK) и во годинашниот Извештај за напредокот на земјава го потврди доброто ниво на усогласеност на националните политики во областа на безбедноста на храната и благосостојбата на животните.
Постигнат е одреден напредок во ставањето во промет на храната, храната за животни и нуспроизводите од животинско потекло, како и во однос на правилата за безбедност на храната, констатира Комисијата.
Извештајот нотира напредок и во мерките за контрола на болестите кај животните, но останува забелешката за идентификуваните слабости кои се однесуваат на собирањето податоци, нивна анализа и верификација.
Според ЕК, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) повторно е меѓу институциите во државава кои добија највисока оцена.
Тој нагласува дека хигиенските правила на ЕУ за производство на храна обезбедуваат високо ниво на безбедност на храната.
За општите правила за безбедност на храната, Северна Македонија, според ЕК, подготви измени на Законот за безбедност на храна усогласен со ЕУ акито за официјални контроли, а Националниот систем за брзо предупредување за храна и храна за животни, како и системите за внатрешна ревизија и обука на Агенцијата се оперативни.
Комисијата оценува и дека АХВ спроведува програми за надзор за класична свинска чума, африканска свинска чума, чвореста кожа, беснило, како и за надзор на болестите кај акватичните животни, но, треба да се подобри собирањето, верификацијата и анализата на податоците.
АХВ, стои во Извештајот, продолжи со спроведување на Програмата за мониторинг на антимикробна отпорност. Националната програма за мониторинг за 2022 година за контрола на резидуи од ветеринарно – медицински препарати и контаминенти кај живи животни и храна од животинско потекло е во согласност со акито на ЕУ во однос на говедата, овците/козите, свињите, живината, аквакултурата, млекото, јајцата, дивечот и медот.
Оценка на Комисијата е и дека е постигнат одреден напредок во однос на правилата за безбедност на храната. Законодавството, потврдува ЕК, беше усогласено со ЕУ акито во однос на адитивите, материјалите кои доаѓаат во контакт со храната и максималните нивоа за одредени контаминенти во прехранбените производи.
Агенцијата продолжи со спроведување на Програмата за мониторинг на безбедноста на храната, но, податоците треба дополнително да се анализираат, оценува Европската комисија.
Во Извештајот се наведува и дека во однос на специфичните правила за храна за животни, законодавството е усогласено со европското поврзано со адитивите за храна за животни, а АХВ спроведува програма за мониторинг на нејзината безбедност.