Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора донесе заеднички став во врска со најавите за намалување на цените од Владата и бара од неа да донесе антикризна мерка за ослободување од царината за увоз на смрзнато свинско месо.
„Свесни дека кризата ја намали куповната моќ на граѓаните, тие почнуваат акција за купување домашни, квалитетни и евтини месни производи достапни за сите. Да ја зголемиме употребата на домашното производство. Во моментот државата учествува со минимум 35 % во цената на нашите производи. За да се намали од 10 до 15 %, потребно е да се донесе антикризна мерка за ослободување на царината за увоз на смрзнато свинско место наменето за преработка, која беше во сила четири години и престана да важи во јуни годинава, што беше причина за зголемување на цените, а нас нè направи неконкурентни на пазарот.
Затоа што готовите производи од конкуренцијата на увозот влегуваат без давачки, а ние плаќаме многу. Ние се обврзуваме да произведеме квалитетни производи за секој граѓанин. За говедското и за пилешкото сме ослободени од давачки и тие зависат од цените на светскиот пазар“, велат од Групацијата.