Политиките на Министерството за економија во областа на енергетиката се фокусирани на енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина.
Владата на Северна Македонија кон крајот на 2019 ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040, која предвидува намалување на потрошувачката на енергија за 27%, но при истовремено зголемување на БДП и зголемување на учеството на обновливи извори на енергија од сегашните 18 на 45% во 2040 година.
Ова го истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, кој денеска учествуваше на „Македонскиот енергетски форум 2021 – Мапирање на енергетската иднина“.
Министерот Бектеши говореше на панел-сесијата со наслов „Придонесот на Западен Балкан кон зелениот договор на Европската Унија“.
„Министерството за економија како креатор на политиките за енергетика со усогласување на законодавството во областа на енергетиката создава основа за развој на енергетиката и енергетска транзиција. Стратешкото планирање на политиките и идните чекори ќе придонесат за навремено и правилно постигнување на зацртаните цели. Северна Македонија е прва држава што изработи национален план за енергија и клима, кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност, кој ќе биде донесен во октомври оваа година“, рече Бектеши и додаде дека Северна Македонија е лидер меѓу земјите договорни страни на енергетска заедница со изготвувањето на овој план.
Тој потенцира дека енергетската транзиција поттикнува намалување на стакленичките гасови поради што се размислува за затворање на термоцентралите во земјата, но и изградба на нови хидроцентрали, гасни централи и зголемени инвестиции во изградба на фотонапонски централи.
Бектеши потенцира дека гасификацијата на Македонија е уште еден клучен момент за енергетската транзиција и диверзификација на енергетските ресурси.
„Во моментот има еден прекуграничен гасовод со Бугарија имајќи ги предвид целите за намалување на емисиите на стакленички гасови и ЕЕ, како и за подобување на сигурноста во снабдувањето со конкурентни цени, целта на Македонија е да се спроведат проектите за изградба на гасоводи на природен гас кон Грција, Косово и Србија. Преку гасоводот кон Грција, Македонија може да пристапи до трансјадранскиот гасовод преку грчкиот преносен систем (DESFA), кој носи природен гас од Каспискиот Регион во Европа, но исто така ќе овозможи пристап до светските пазари и на ТНГ преку Грција. Се очекува овој проект да овозможи пристап до ликвидни пазари и да го стимулира влезот на трговци на природен гас на македонскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема конкуренција и пазарно поставени цени на природниот гас, што ќе обезбеди одржливост на секторот, со конкурентни цени. Во моментот проектот е во фаза на финализирање на меѓусебната физибилити-студија по што треба да следува поднесување апликација за финансирање и почнување со изградбата“, рече министерот и додаде дека гасоводот кон Србија и Косово може да обезбеди дополнителен алтернативен извор и можност за транзит“, информира Бектеши.